1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Путин, Техеран и дилерите на дронови

DW Kommentarbild | Autor Kersten Knipp
Керстен Книп
19 јули 2022

Официјално се демантира дека при посетата на Путин во Техеран тема ќе биде и испораката на ирански борбени дронови. Но, тоа не е веродостојно, смета Керстен Книп. Зашто, двете земји ги врзува борбата против демократијата

https://p.dw.com/p/4EJPJ
Iran | Militärische Drohnen in einem Bunker
Фотографија: Iranian Army Office/ZUMA/IMAGO

За што ли ќе се разговара на средбите на рускиот претседател Владимир Путин денеска (19.07) во Техеран? Ако им се верува на официјалните соопштенија од двете држави, за едно секако не - испорака на ирански борбени дронови во Русија.

САД минатата недела објавија дека се подготвуваат такви испораки. Тврдат дека имаат информации дека Иран е зафатен со тоа „брзо да стави на располагање повеќе стотици беспилотни летала”, и тоа такви што може да транспортираат оружје, вели Џејк Саливен, национален советник за безбедност на претседателот Бајден.

„Не“, одговори портпаролот на Кремљ, Димитри Песков на новинарско прашање. За испорака на дронови нема да се зборува. Неодамна иранскиот министер за надворешни работи Хусеин Амирабдолахиан ја уверуваше Украина дека неговата земја нема да испорачува дронови во Русија. Тој зборуваше за американски „пропаганден акт“.

САД, пак, во текот на викендот повторно објавија дека има такви планови. Според Саливен, има индиции дека руска делегација неодамна најмалку двапати била во посета на аеродром во централен Иран. Таму се информирале за амбициозната програма за дронови на Иран и разгледувале неколку модели кои би можеле да бидат и борбени.

DW Kommentarbild | Autor Kersten Knipp
Керстен КнипФотографија: W. Knipp

Проблем со веродостојноста

Русија и Иран во тврдењата имаат еден проблем: човек нема многу основа да верува на официјалните соопштенија на двете држави. Највисоки претставници на Русија до пред самиот напад врз Украина демантираа дека постојат такви планови - и со тоа лажеа на невиден начин.

А, пак околноста дека Иран во спорот околу атомската програма неодамна отстрани две камери на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за надзор на постројка за облагородување ураниум, не зборува многу за доверливост, исто како и фактот дека податоците кои дотогаш биле меморирани на тие две камери од почетокот на 2021 година веќе не ѝ се испраќале на МААЕ. Според овој репер, соопштенијата и изјавите на двете земји за темите за кои ќе зборува Путин при посетата во Техеран, не вредат многу.

Непријатели на правната држава и демократијата

Дека Иран би можел да ѝ испорача дронови на Русија изгледа логично пред сѐ поради една причина - двата тесно поврзани режими во Техеран и Москва се остри противници на секаква форма на политичка слобода и правна држава. Претставата дека граѓаните би можеле независно да се информираат од извори на кои им веруваат, им е ужасна исто колку и помислата дека граѓаните би можеле да кажат што мислат, и тоа јавно.

Жестокоста и самоволието со кои двете држави постапуваат против дисиденти и критичари, се отсликува во позициите кои ги имаат во Индексот за владеење на правото во 2021 на Светскиот проект за правда. Русија е на 101 од 139 места, а Иран на 119. И во Индексот за перцепција на корупцијата 2021 изработен од Транспаренси Интернешнл двете држави имаат речиси сродна блискост: Русија на 136 место од 180 земји, а Иран на 150.

И во меѓународни рамки двете земји се претставуваат како непријатели на демократијата и правната држава кои се подготвени речиси на сѐ. Во Сирија го поддржуваат диктаторот Башар ал-Асад, чијшто режим од 2011 година е одговорен за смртта на стотици илјади лица, многу од нив убиени на ужасен начин во државните подруми за измачување. Русија и Иран не се воздржуваа да поддржат таков режим и да ги сузбиваат неговите противници со сета сила.

Како Сирија, така и Украина

Па така, се чини логично дека во Техеран ќе се разговара и за дронови, па и борбени дронови. Математиката на двете држави е иста: да се борат против политика на либерализација и владеење на правото и за тоа ниту во Сирија ниту во Украина да не триумфираат нормите на просветлена држава потчинета само на законите(а не на самоволие и патронство). Русија и Иран како држави не располагаат со никаква soft power (мека сила, н.з.), ништо што би било атрактивно барем малку. На такви држави за владеење не им преостанува ништо друго освен голо насилство.