1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Путиновата војна во Украина сѐ уште може да не успее

Роман Гончаренко
24 март 2022

Еден месец по рускиот напад на Украина, искрите надеж се ретки. Сепак, најважното сознание гласи: Украина може да го запре Путин, но потребна ѝ е поголема и побрза помош од Западот, оценува Роман Гончаренко.

https://p.dw.com/p/48xqr
Ukrainer demonstrieren solidarisch gegen die russische Aggression in Kiew
Украина се бори за својата слобода и не се предаваФотографија: Bryan Smith/ZUMA Press Wire/Zumapress/picture alliance

Четири недели кои изгледаат како вечност. Рускиот напад на Украина на 24 февруари 2022-ра е најмрачниот ден за Европа во 21. век. Во дождот од бомби оттогаш умираат луѓе, пријателства, илузии. Мртов е и стариот мировен поредок на континентот. Допрва ќе се одлучува како ќе изгледа новиот.

Првиот меѓубиланс е горчлив. Благодарение на опсежните американски разузнавачки информации, оваа војна не беше изненадување. Сепак, повеќето западни експерти, како и украинското раководство, очекуваа само ограничен напад во источна Украина, а не напад во стилот на нападот на нацистичка Германија врз Полска во 1939-тата. 

Зошто војната на Русија беше потценета?

Од денешна перспектива, едно е јасно: Киев требаше да нареди општа мобилизација и евакуација на луѓето многу порано. Оваа погрешна проценка веројатно се должи и на фактот што претходната војна, која започна со анексијата на Крим во 2014 година, остана регионално ограничена. Повеќето луѓе во Украина немаа поим како е да се биде брутално бомбардиран. Ја потценија опасноста.

Goncharenko Roman Kommentarbild App PROVISORISCH
Роман Гончаренко

Тешко е да бидат обвинети за таа грешка. Никој од нас не сакаше да верува дека рускиот претседател Владимир Путин и неговата армија се способни за вакво варварство. Идејата дека повеќето Руси ќе ја поздрават оваа војна беше исто така незамислива за многумина. Човек не сака да го прифати ова тажно сознание и по четири недели.

Многу украински и западни анализи тврдат дека блицкригот на Путин не успеа. Во меѓувреме, Москва вели дека сѐ се одвива според планот. И двете се вистинити, но војните генерално никогаш не одат онака како што планирале генералите. Се разбира, Кремљ очекуваше побрза победа и помали сопствени загуби. Но, тешко е да се поверува дека Путин навистина очекувал капитулација за неколку дена. Украина е едноставно преголема за такво нешто.

Z како Zermürbungskrieg 

Путиновиот воен план се состои веројатно во тоа полека да ја уништи соседната земја - под претпоставка дека Русија има повеќе војници, повеќе оружје и повеќе пари. [Затоа буквата Z, идентификациона ознака на руската воена опрема, може да биде ознака и за Zermürbungskrieg - војна на истоштување]

Во моментов има малку искри на надеж, но има. Најважното сознание е дека Украина може да ја задржи, па дури и да ја запре супериорната руска армија. За тоа има две причини. Пред сè, тоа е украинскиот борбен дух. Ова важи и за цивилите, кои дури и во веќе окупираните области, како што е јужниот украински град Херсон, им стојат на патот на руските тенкови со украински знамиња в раце. Втората причина има многу имиња: на пример - Џавелин, NLAW или Стингер. Тоа е првенствено оклопно оружје и системи за противвоздушна одбрана што САД и Велика Британија, но и други земји од НАТО, побрзаа да ги испорачаат неколку недели пред нападот на Украина. Без ова одбранбено оружје, Русија досега ќе окупираше многу поголема територија на Украина.

Ембарго на нафта и гас - веднаш

Тука лежи и одговорот на прашањето дали војната на Путин сепак може да не успее. Може да не успее поради борбеноста на Украинците, на кои, сепак, им треба значително повеќе и пред сѐ побрза поддршка. Конкретно, тоа значи: уште построги економски санкции, целосно, а не само половично исклучување на СВИФТ и итно ембарго на руската нафта и гас. Да, тоа е болно, но сепак неопходно со оглед на масакрот во Украина. Но, поддршката значи и - повеќе испораки на оружје! НАТО од разбирливи причини не сака да соборува руски авиони и ракети од украинското небо за да избегне директна конфронтација. Но, борбени авиони за вооружените сили на Украина може и мора да се набават, како и најсовремени системи за противвоздушна одбрана.

Тоа не е е едноставна одлука. Русија му се заканува на Западот со одмазда и употреба на нуклеарно оружје. Ова не е блеф, опасноста е реална. Сепак, Западот мора да го следи овој пат - внимателно, чекор по чекор. Греши секој што мисли дека Путин би се задоволил со уништување на Украина и застанување на западната украинска граница. Западот мора конечно да го препознае опсегот на оваа војна и да дејствува соодветно.