1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пуч во Венецуела

Ута Тоферн
31 март 2017

Од денеска повеќе не постои поделба на власта во Венецуела. Режимот на Николас Мадуро го комплетираше веќе најавениот пуч. Ута Тоферн смета дека состојбата во Венецуела е скандал за слободниот свет

https://p.dw.com/p/2aNnK
Venezuela Caracas Prasident Nicolas Maduro
Фотографија: Reuters/Miraflores Palace

Вака изгледа јавно задушување. Во последните 15 месеци светот гледаше отстрана како чавистичкиот режим на Николас Мадуро полека го задушуваше демократски избраниот парламент. Сега, Врховниот суд на земјата ја презеде одговорноста која им припаѓаше на народните избраници- и ѝ стави крај на демократијата.
Само еден ден претходно, мнозинството од членките на Организацијата на американските држави ја повикаа владата на Венецуела да им се приклучи во изнаоѓањето решение за политичката, економската и хуманитарната криза во земјата. Обединетите нации го прогласија исфрлањето на Венецуела од Организацијата за премногу драстична мерка, па мнозинството од земјите-членки одлучија да се обидат со дипломатски пристап. Но за чавистите кои го опкружуваат претседателот Мадуро, дипломатијата очигледно не е ништо повеќе од знак на слабост.

Врховниот суд како доброволен помагач

На крајот, истиот тој претседател, во пресрет на состанокот на Организацијата, Мадуро побара од Врховниот суд дозвола за посебни казнени, воени, политички и други политички овластувања. Во исто време, на опозициските парламентарци кои сочинуваат две третини во парламентот им беше одземен имунитетот. Секој кој презема вакви чекори без последици, очигледно нема да запре тука.
Слично како и турскиот диктатор во најава, Реџеп Таип Ердоган, Мадуро систематски ја укинуваше сета опозиција и притоа ја уништи демократијата. Но, Мадуро има далеку помалку поддржувачи од Ердоган и нема никакви џокери- како членството во НАТО- во ракавот. За жал, овој самонаречен социјалист има друго моќно оружје: страдањето на неговиот народ.
Со месеци, Венецуела страда од недостаток на храна и медицински материјали, и сега земјата со најголеми светски резерви на нафта остана без бензин. Се апсат пекари кои наводно печеле скапи колачи наместо итно потребниот леб, додека останатите залудно чекаат на испорака на брашно.
Илјадници Венецуеланци пребегаа во соседна Колумбија, а многу млади Венецуеланки станаа толку очајни што заминаа во Бразил да работат како проститутки. Млади брачни парови се одлучуваат за стерилизација затоа што кондоми веќе нема на пазарот, а речиси е невозможно да се прехрани дете во големата сиромаштија. Заболените од рак одамна не добиваат третман, а одамна недостасуваат и најобични антибиотици. Ова се сцените во земјата која важеше за најбогата во Јужна Америка во 1980-те години.

Венецуелците бараат „Референдум сега!“

Thofern Uta Kommentarbild App
Ута Тоферн

Санкции се итно потребни

Никој не сака ниту да ја разгледува заканата од економски санкции во ваква ситуација. Мадуро го знае тоа. Човекот кој со месеци одбиваше да признае дека во земјата постои хуманитарна криза, сега бара од ОН хуманитарна помош- поради „економската војна која се води против Венецуела“.
Меѓународната заедница ќе помогне, бидејќи мора. Но тоа мора да го стори под најстроги услови. Помошта не смее да минува низ рацете на владата, туку мора да биде распределена од администрацијата на ОН. Санкции мора да бидат наметнати врз Мадуро и неговите соработници- санкции кои лично ќе ги погодат. И кои нема да важат само за САД, каде најголемиот дел од корупцискиот „приход“ е инвестиран. Се разбира, Организацијата на американските држави мора да го суспендира членството на Венецуела. Режимот не заслужува да биде меѓународно признаван.