1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работа во недела? Во ни(се)кој случај!

ЕМФ /агенции
30 мај 2017

Водечки трговски претпријатија во Германија бараат слобода при одлучувањето дали нивните продавници ќе бидат отворени во недела или не. За ова прашање се дискутира со децении.

https://p.dw.com/p/2dq7r
Symbolbild Konsumklimaindex
Фотографија: picture-alliance/dpa

Целта на иницијативата „Недела по сопствена определба“ е да стави крај на дискриминацијата на трговијата на мало во градовите, изјави шефот на концернот Карштат, Штефан Фандерл. Недела е еден од најважните денови за купување во онлајн-трговијата. Сега мора да се стави крај на нелојалната конкуренција, бараат трговците и нагласуваат дека притоа нивна цел не е да се работи секоја недела од годината.

Дали и колку често стоковните куќи и продавниците би работеле во недела би требало да им биде препуштено на одлучување на самите трговци, сметаат во иницијативата „Недела по сопствена определба“. Во моментов, тие имаат право да работат неколку недели во годината, а одлука за тоа носат покраините. Термините пак ги определуваат општините.

Додека во многу германски покраини смее да се работи во четири недели од годината, во Берлин е тоа дозволено во десет недели. Шефот на Здружението на трговци на Германија (ХДЕ), Штефан Гент, нагаласува дека регулација како во главниот град „се чини дека е во согласност со Уставот“.

Deutschland Kauflaune Konsumklima auf Höchststand 28.01.2015
Фотографија: Reuters/T. Peter

Црквите и синдикатите се спротивставуваат на ваквите барања и денеска основаа „Алијанса за слободна недела“. Тие велат дека трговијата сака да ги претвори неделите во денови за шопинг. Тоа, пак, би имало влијание не само врз трговијата, туку и врз други општествени дејности, како градинките, згрижувањето на учениците или работните времиња на администрацијата.

Спорот околу работењето во недела во Германија трае со децении. Се полемизира околу правата на работниците, практикувањето на верата, културата на празнување и економските предности, односно последици. Законите и судските пресуди се во насока на трендот на олабавување на забраната за работење во недела.