1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Размена на територии - опасен погрешен пат

Анила Шука
29 мај 2020

Могерини не направи многу во односите помеѓу Белград и Приштина, Борел ќе направи уште помалку, Лајчак би можел да даде добар придонес, а Меркел би можела да реши речиси се’, смета Бодо Вебер.

https://p.dw.com/p/3cwzz
Bodo Weber Politischer Analyst aus Berlin
Фотографија: privat

ДВ: Германскиот министер за надворешни работи и неговиот француски колега минатата недела во албанскиот и српскиот печат објавија заеднички текст за повторно да го покренат српско-косовскиот дијалог. Дали условите сега се поповолни отколку пред една година, кога разговорот во канцеларскиот кабинет во Берлин пропадна?

Бодо Вебер: Прво, не би рекол дека тој мини-самит во канцеларскиот уред минатиот април пропадна. Тој беше успешен на два начина: прво, одземена е водечката позиција на политичките сили кои беа за размена на територии и второ, Париз и Берлин повторно делуваат заедно. Условите за такво нешто денес се како подобри, така и полоши. Подобри се затоа што до заминувањето на госпоѓа Могерини и нејзиниот тим, иницијативата за опасна размена на територии доаѓаше од врвовите на институциите на ЕУ во Брисел. Тоа поткопување на европските принципи во косовско-српските преговори стана минато со именувањето на Мирослав Лајчак за специјален пратеник, иако наследникот на Могерини, Борел, за жал досега не се покажа како активен чинител на патот кон прифатлив финален договор. Полоши се затоа што поткопувањето на централните актери, како што е Берлин, веќе не потекнува од советниците за национална безбедност на САД, туку одспецијалниот пратеник на Трамп, а централните политички актери тоа, за иднината на Косово како независна демократска држава во постоечките граници, опасно агитирање на Трамповата администрација, го злоупотребуваат за свои сопствени, национални политички интереси.

Кога велите дека Борел досега не се покажал како активен фактор на патот кон добар финален договор, што мислите со тоа?

Мислам на Бореловото континуирано одбивање да се позиционира јасно во смисла на европско решение за финален договор, т. е. против секаква промена на границите или размена на територии. Тоа во неговото последно интервју доведе до формулации кои можеа да бидат погрешно сфатени и кои на Косово и во регионот оставија погрешен впечаток дека тој или ЕУ се отворени за можност за договор за размена на територии, што не е случај.

Агитирањето на Трамповата администрација го нарекувате „опасно“. Косовците се поделени околу тоа прашање. Некои им веруваат повеќе на САД, отколку на ЕУ. Дали е тоа погрешно?

Кога политичарите на Косово денеска, укажувајќи на поранешната претставничка на ЕУ за надворешна политика, Могерини, жалат што ЕУ губи доверба, на тоа имаат полно право. Допуша, дел од таа вистина е и тоа што земјите-членки на ЕУ, предводени од Германија, беа тие кои во 2018/19 година се спротивставија на „дилот“ за размена на територии - им се спротивставија и на госпоѓа Могерини и на Трамповата администрација. А, делувањето на господин Гренел почива од една страна на поткопување на тие актери на ЕУ, а на друга страна, на преземање на преговарачкиот формат од Могерини - тајни преговори со двајцата претседатели.

Поддршката на САД и мнозинството држави на ЕУ за независноста на Косово во 2008 година не произлезе од некакви посебни симпатиии за косовските Албанци, туку затоа што му служеше на одбраната на либералниот светски поредок. Политиката на денешна САД, па и на Косово, за жал, веќе не е во служба на таа традиционална американска надворешна и безбедносна политика. Но, сигурен сум дека политичките атери на Косово, кои денес јавно тврдат дека повеќе им веруваат на САД отколку на ЕУ, се многу свесни за тие причинско-последични врски.

Како сега ќе одат натаму разговорите? Германија и Франција вршат притисок, но ни Србија ни Косово не изгледаат подготвени.

Навистина, ниту Косово, со својата криза на владата, ниту Србија, која се наоѓа пред парламентарни избори, во моментов не се подготвени да се вратат во краток рок на преговарачка маса. И тоа без оглед на прашањето кога патувањата од Приштина и Белград на преговори во Брисел, со оглед на ограничувањата поради короната, ќе бидат повторно можни. Затоа, обновување на преговорите пред август нема да биде можно од чисто технички причини.

Додуша, барање на двајцата министри за надворешни работи е брзо враќање на преговарачката маса, но тоа не го сфатив буквално. Мислам дека текстот, напишан и во очекување на решението на конфликтот околу формирањето на влада на Косово кое требаше да го донесе Уставниот суд, со различни политички опции, сакаше да покаже дека не треба да се поткопува водечката улога на ЕУ и заедничкото германско-француско дејствување. Текстот беше одвраќање од евентуални обиди по летото или пред претседателските избори уште еднаш насилно да се истурка размена на територии.

Предупредувањето на опасноста од „брзи привидни решенија“ и објаснувањето зошто е потребен вистински и сеопфатен завршен договор, претставуваат силна поддршка на европскиот стремеж кон водство во дијалогот. Тоа покажува дека и покрај сите слабости на ЕУ и упропастената доверба во ЕУ на Косово, решението на конфликтот со Србија во актуелната светска политичка ситуација може да потекнува само од ЕУ.

Еднаш напишавте: последната битка на Меркел е Балканот.Ќе и’ успее ли да победи во таа битка?

Сигурен сум дека во рамки на преостанатиот мандат ќе и’ успее еднаш засекогаш да го пресече опасниот погрешен пат на размена на територии. Не само затоа што таков „дил“ не би придонесол за демократска стабилност и зацврстување на правната држава на Косово, а ни на Србија, ниту би придонесол за мирен соживот на Србите и Албанците, туку, напротив, би можел да доведе до опасна дестабилизација на целиот регион и голема штета за демократијата и правната држава.

Тешко е да се предвиди дали договорот ќе може да се потпише уште во текот на нејзиниот мандат. Но, многу поважно од потпишувањето е да дојде до темелно ресетирање на преговорите, врз основа на враќање на првобитните преговарачки рамки во политичкиот дијалог 2013-та, кое ќе го трасира патот кон навистина сеопфатен и траен мировен договор помеѓу Косово и Србија.

Бодо Вебер е виш соработник во Советот за политичка демократизација (ДПЦ), трансатлантски истражувачки центар со седиште во Берлин

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема