Разузнавачка мисија зад линиите на противникот
4 јануари 2020Во основа, македонскиот концепт на техничката влада е примитивен, политички недозреан и претполитички. Некои ќе речат дека тоа е поради длабоките поделби во општеството, но тоа не е објаснување. Нашето општество не е ништо подраматично поделено од општествата во Полска, Британија, Хрватска, Америка или Австрија. Во Австрија има техничка влада (ќе трае уште некој ден) од 3 јуни лани кога на канцеларот Себастијан Курц му беше изгласана недоверба во парламентот по познатиот „Ибица скандал“. Земјата ја води Бригите Бирлајн, независен правник, која на местото канцелар дојде од функцијата претседател на Уставниот суд. Во владата освен Биралјн има уште 11 министри, од кои некои покриваат повеќе ресори и најголемиот дел од нив се познати правници и сите независни експерти.
Повеќето од нив се државни службеници. Министерот за надворешни работи, Александар Шаленберг, е искусен дипломат (исто така, правник), политички независен. Главната задача на технократската влада беше да ја води земјата до изборите во септември и формирањето на новиот кабинет (партијата на Курц и Зелените веќе постигнаа договор за заедничко владеење). Ова беше прво искуство на Австрија со техничка влада во нејзината поствоена историја, затоа што досега не се случило на еден владин кабинет да му биде изгласана недоверба. Бирлајн и нејзините министри извонредно ја водеа земјата, следејќи ги долгогодишните интереси на државата. Министерот Шаленберг, на пример, заедно со неговите тројца колеги од Италија, Словенија и Полска, го иницираше и изготвувањето на вториот нон-пејпер околу проширувањето на ЕУ (како одговор на сличниот документ од Париз) во кој црвсто се наведува дека Македонија и Албанија треба да добијат датум за преговори со Унијата. На овие четири земји потоа им се приклучија уште седум други членки на ЕУ.
Светилникот на недовербата
Едноставното објаснување за австрискиот пример е дека тоа е развиена западна демократија. Се разбира дека тоа е точно. Како што е и точно дека овие технички министри не беа дочекани на нож од јавноста и при тоа да бидат линчувани од некои нејзини делови поради нивното наводно поголемо разбирање за политиките на одредени партии. На одреден начин, јавноста во Австрија дури и помогна оваа техничка влада најдобро да ја заврши работата за која беше избрана. За жал, во македонскиот случај тоа засега не е можно. Она што беше инсталирано како решение од пржинските преговори, за земјата да излезе од големата криза, сега добро се закотвува како подолготрајно решение. Техничката влада сега се претвора во повеќеглава хидра, која ќе го обновува својот живот со единствената храна што ѝ е на располагање овде – огромната недоверба на политичките актери. Таа недоверба, тој spirtus movens на овдешната политика, е светилникот кон кој бродат двете најголеми партии.
Може ли да им се верува на независни експерти и правници од државната администрација? Се разбира дека - не, ако се погледне од ракурсот на политичките лидерства. Онаа фотографија од средбата на лидерот на опозицијата со новите министри и дополнителни заменици министри многу добро ја илустрира оваа состојба во македонската политика. Христијан Мицкоски, како командант на некој полк, ги собрал трите дами и едниот господин да им ги даде последните упатства што треба да прават, како да дејствуваат и што да јавуваат откако ќе заминат зад линиите на политичкиот непријател. Тие со тефтерите пред нив ги запишуваат последните напаствија за мисијата што им претстои. Како да се испраќаат во некаква битка. Наивно би биле да се верува дека слични разговори не одржал и Зоран Заев со Оливер Спасовски и Мила Царовска. Едноствано, тоа е така. Власта треба да се зачува или да се поткопа. Акциите на новите членови на владата, грубо кажано, се насочени во некаква разузнавачка мисија. Така беше и со претходната техничка влада, така ќе биде и со оваа.
Дали Македонија ќе собере сила за идните избори (ако веќе се останува на концептот на техничка влада) да избере вистински технократски кабинет со независни личности кој ќе го спроведе гласањето, е невозможно да се одговори, иако шансите за такво нешто сега изгледаат рамни на нула. Или пак, ќе се вратиме на нормалниот демократски принцип кој важи речиси секаде во ЕУ, освен во Бугарија, каде што технократска влада од независни личности ги организира изборите. Во Италија и Грција има бројни примери за технократски влади, но тие секогаш биле резултат на пат позицијата меѓу силите во парламентот – кога не можело да се формира владин кабинет кој би добил мнозинска поддршка. Македонскиот случај е единствен во европската политика затоа што е политичка креатура, некаков вид политички Франкенштајн. Единствената добра работа што би можела да се извлече од овој политички комплот е што некоја од партиите ќе ги признае резултатите од изборите и нема да го доведува во прашање легитимитетот на процесот затоа што и самата учествува во неговото спроведување.
Чиј шпил е подобар
За кој било премиер не е пријатно да се откаже од власта, а тоа да не се случи по избори. Така беше со Никола Груевски за време на техничката влада, не би требало да е ништо поразлично со Зоран Заев. Тој верува дека неговото заминување од „Илинденска“ е привремено, за четири месеци додека се формира новата влада чиј премиер пак би бил тој. Но кој би можел да тврди дека изборните карти ќе бидат наредени во негова корист. Последната анкета на МЦМС внесе свежа доза кислород во сдсмовскиот камп и тоа како да ја зголеми самодовербата кај довчерашниот премиер. Неколку настани околу Нова година некако му го подобрија шпилот што го држи в раце – прво, изгласувањето на законите за зголемени пензии и плати, во кои енормно се вложи Владата, потоа наизглед неважниот спектакуларен концерт на Дино Мерлин во Скопје, а потоа неумесниот предлог на Мицкоски за министер за внатрешни работи.
Претходни колумни од авторот:
Многу нон-пејпери, неизвесна иднина
Тиранијата на малцинството во мнозинскиот модел
Има ли крај на паролите околу корупцијата?
Македонизмот како „хајнекен ефект“
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов беше под неверојатен артилериски оган околу неговата одлука Мерлин да пее за Нова година, бараж главно поткрепен со парите што ќе ги заработи босанската ѕвезда. Концертот, за многумина неочекувано, беше целосен триумф, затоа што Дино Мерлин го наполни скопскиот плоштад и сите улици што водат кон него како, што не ѝ успеало на ниедна партија досега. И што во тие два-три дена Скопје стана регионален центар, каде што дојдоа илајдници луѓе од регионот да ја видат регионалната поп-ѕвезда. И што тоа во основа беше рокенрол забава, а не турбо-фолк веселба. По овој настан никој не се обиде да го постави и да одговори на најважното прашање – колку оваа новогодишна забава имаше придонес за скопската економија. Преполни хотели, преполн плоштад, преполни кафеани околу него. Според грубите пресметки на некои познавачи што ги консултиравме, најмалку еден милион евра се влеа во скопската економија (а важен процент преку тоа и во државниот буџет), така што наводните 100 илјади евра за Дино Мерлин биле извонреден влог за да се заработи многу повеќе. Доколку некој од критичарите ги праша хотелиерите што мислат за овој новогодишен потег ќе добијат одговор што не би сакале да го слушнат.
Многумина се прашуваа што го натера Христијан Мицкоски да го предложи активниот полковник во армијата и поранешен шеф на военото разузнавање, Драган Ковачки, за министер за внатрешни работи. Какво и да е објаснувањето – намерна провокација, момент на уставно незнаење или лош политички потег – тоа во еден миг ја префрли водата од вмровската на сдсмовската воденица. Мицкоски треба да се запраша како можеше да направи потег кој нема да го поддржи никој од правната струка, а згора на тоа и беспотребно да го злоупотреби Ковачки. Објаснувањата дека наводно имало преседени не одѕвонуваа ама баш никаде. Дополнителните објаснувања (дури и пред два дена на прес-конференцијата на Мицкоски) дека членот 23 од Уставот е клучот за неговиот предлог (дека секој граѓанин во државата има право да учествува во вршење јавни функции) беа дополнително прозаични, незграпни и бледи. Ако Уставот вели дека униформирано лице не може да биде министер тоа е така. Мицкоски можеше да ја промовира својата логика пролетоска и, на пример, партијата да го предложи неговиот најблизок соработник Игор Јанушев за претседател на државата, тргнувајќи од членот 23. Но неговата кандидатура ќе беше веднаш отфрлена затоа што Јанушев нема 40 години (роден е 1983) што е неопходен услов од Уставот за некој да влезе во претседателска трка. Вака Мицкоски му даде карт-бланш на СДСМ да се претстави како вистински бранител на Уставот, без тоа да биде побарано од социјалдемократите.
Некои од овие уставни одредби ги знаат речиси сите во врвовите на партиите и затоа е уште нејасно кои биле мотивите на Мицкоски. Нешто од нив може да се насети во замената што ја најде - Наќе Чулев, кој четири години беше директор на Агенцијата за разузнавање во времето на Ѓорге Иванов. Дали преку разузнавачите тој гледа вистински начин да ги открие линиите кои се најфрагилни кај политичкиот противник, или преку нив сака да ја стави повторно во погон мрежата која командуваше во годините на Груевски? Зашто факт е дека и неуспешниот и успешниот кандидат за министер за внатрешни работи беа клучна алка во разузнавачката заедница во времето на Груевски. Зошто Христијан Мицкоски не избра кандидат за клучното министерство некој од новата структура негови соработници тешко ќе се дознае поради неверојатната затвореност на партијата (дури и секташка) околу тоа како се градат и донесуваат одлуки.
Но во политиката еден ден може да ги смени настаните и перцепциите. Она што денес за Зоран Заев може да значи неочекувана предност поради лошо промислените одлуки на Мицкоски за една недела може да се смени доколку сдсмовските министри во техничката влада покажат нетрпеливост и одбивност кон нивните нови колеги. Доколку пак новите покажат внимателен политички такт, па и одредени резултати за ова кусо време, фортуната лесно може да даде силен ветар во едрата на Мицкоски. И ако вмровската програма за изборите навистина понуди нешто вистински ново, што ќе го убеди мнозинството дека вреди повторно да им се даде гласот. Тоа е голем предизвик, но не значи и дека е недофатлив. Но само доколку во соочувањето со себеси разбрале каде грешеа толку многу, а не само да копнеат во реставрација на режимот.