Раиф Бадави ја доби наградата на ДВ за слобода на говор
25 февруари 2015Одлуката е донесена едногласно, изјави генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург, образложувајќи: „Тој (Раиф Бадави, н.з.) на извонреден начин се залага за храбар, бестрашен ангажман за човековото право на слободно изразување на мислењето. Нашата награда треба да даде силен знак и да ја стави уште повеќе во фокусот на светската јавност неговата судбина. Се надеваме дека со тоа ќе се зголеми притисокот врз одговорните во Саудиска Арабија за конечно да го ослободат Бадави.“
Сопругата на Бадави, Енсаф Хајдар, која живее во Канада, во разговор за ДВ нагласи дека е пресреќна: „Наградата на ДВ за слобода на говор испраќа јасна порака до саудискиот режим. Срамно е што Раиф се‘ уште е во затвор, особено во овие времиња, кога Саудиска Арабија води војна против групата ’Исламска држава’, која е непријателски настроена против човековите права. Длабоко сум му благодарна на Дојче веле за поддршката.“
Десет години затвор, 1000 удари со стап
Наградата „Слобода на говор“ на ДВ годинава се доделува првпат и тоа во рамки на блог-натпреварот „The Bobs - Best of Online Activism“, каде по 11. пат за истакнати достигнувања треба да бидат наградени онлајн-активисти и интернет-проекти. Наградите треба да бидат врачени на 23. јуни, на Глобалниот медиумски форум на Дојче веле во Бон.
Блогерот Раиф Бадави во мај 2014 година од страна на саудиското правосудство беше осуден на 1000 удари со стап, 10 години затвор и парична казна од околу 200.000 евра. Тој на 9. јануари првпат доби 50 удари со стап. Според казната, од тој момент требаше секој петок да добива уште по 50 удари со стап. Но казнувањето беше повеќепати одложувано од, како што се вели, медицински причини.
Храбро за слобода на мислењето
Раиф Бадави, кој има 31 година, со години се бори за слобода на мислењето во својата земја. На интернет страницата „Слободни саудиски либерали“ тој се зафаќа со политичките и општествени аномалии во Саудиска Арабија. Тој, на пример, објави саркастичен текст за верската полиција, најголемиот универзитет во земјата го нарече „јасли за терористи“ и пишуваше за Валентин, денот на вљубените, чие славење е строго забрането во Саудиска Арабија.
Бадави беше првпат уапсен во 2008 година под обвинение дека направил „електронска страница“ која „му се потсмева на исламот“. Потоа тој ја напушти земјата на неколку месеци, но се врати откако обвинението беше повлечено. Саудиската влада во 2009 година му забрани да патува надвор од земјата, а на 17. јуни 2012 година властите повторно го уапсија и во декември го изведоа пред суд. Обвинението гласеше - постмевање со верскиот лидер.
„Убиство на рати“
На крајот Бадави од повисока судска инстанца беше обвинет за отпадништво од верата, за што во Саудиска Арабија може да се добие смртна казна. Тоа беше образложено со цитат на Бадави, според кој муслиманите, евреите, христијаните и атеистите се опишани како еднакви. Обвинението за отпадништво од верата подоцна беше повлечено. Сопругата на Бадави во 2013 година заедно со трите деца побегна во Канада, каде семејството доби политички азил.
Иако Раиф Бадави одбегна смртна казна, борците за човекови права сметаат дека казната со удари со стап која треба да се извршува 20 недели по ред не значи ништо друго освен бавна, полна со страдања смрт. Ова е „убиство на рати“, изјави политичарот од редовите на Зелените, Том Кенигс. Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер казната за Бадави ја нарече „свирепа, погрешна, неправедна и целосно неодмерена“.