Раководители во опструкторска „кал“ на Студенчишко Блато
10 декември 2019Активисти на граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“ во отворено писмо до министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, со име и презиме посочија двајца службеници на МЖСПП и еден од Македонскиот рамсарски комитет (МРК), кои преку злоупотреба на службената должност со години ја опструирале процедурата за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато за Рамсар подрачје.
Во писмото се вели дека „Охрид ЅОЅ" заедно со Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. уште во октомври 2017. година поднеле формална иницијатива до МЖСПП за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато за Рамсар подрачје (н.з. - наречено по градот Рамсар во Иран, каде во 1971. година е потпишана Конвенција за водните живеалишта од меѓународна важност, особено за водните птици).
Но, до денес ништо од тоа не било реализирано, иако постојат повеќе национални стратегии каде е наведено дека номинирањето на тоа подрачје за Рамсарско место е еден од приоритетите на Владата, конкретно поради фактот што Студенчишко Блато е идентификувано како едно од најзагрозените низински блатни/водни живеалишта во земјата.
Од организацијата ги посочуваат „бесполезните состаноци" со посочените лица од МЖСПП, како и со претседателот на МРК, кој, како што велат, презентирал дезинформации во врска со Рамсарската номинација: „недоволно податоци и потреба од дополнителни студии“, „податоците не смее да се постари од 10 години“, „непозната е вредноста на Студенчишко Блато“ и тн.
„Нагласуваме, Охридското Езеро и Студенчишкото Блато ги задоволуваат сите девет критериуми, а за да се номинира подрачјето е доволно да задоволуваат само еден!“, велат од „Охрид SOS“ и презентираат и табела со образложение за задоволувањето на сите девет критериуми.
Апликацијата готова, никој не ја поднесува
Според граѓанската организација, манипулативноста и паланечката ароганција на четирите посочени лица отишла дури дотаму, што тие го закочиле и процесот за номинација откако „Охрид ЅОЅ" самостојно ја пополнил апликацијата за номинација на Охридско Езеро и Студенчишко Блато за Рамсарско подрачје.
„Самиот документ е 90 страници и бара огромна посветеност, часови, денови и месеци истражувачка работа и труд. ‘Охрид ЅОЅ' сето ова го изработи комплетно волонтерски, без никакви финансиски средства, но со надеж дека кога ќе им ја завршиме работата на институциите за која се платени од наши пари, ќе имаат доблест барем да го проследат тој документ до Рамсарскиот секретаријат, поради тоа што граѓански здруженија и неформални активистички групи немаат право на тоа“, објаснуваат тие во писмото.
Во текот на изработката на апликацијата тие биле во постојана комуникација со Рамсарскиот секретаријат, од каде што им биле предложени минорни измени на документот, кои тие веднаш ги внесле. Министерството, иако презело обврска предложените граници на Рамсарското подрачје да ги исцрта во ГИС формат, тоа не го сторило, користејќи го како прилика за понатамошно одолговлекување на процесот. На крајот, и таа задача била завршена од страна на „Охрид ЅОЅ".
„Во јули 2019. година, Рамсарскиот секретаријат потврди дека апликацијата е комплетна, Охридско Езеро ги задоволува сите 9 критериуми на Рамсар и сѐ што е потребно е само МЖСПП формално да ја поднесе. Дописот беше воедно испратен и до МЖСПП и МРК. Оттогаш поминаа пет месеци и апликацијата уште не е поднесена. Последно, во Нацрт-планот за управување со Охридскиот Регион стои нов, веќе четврти рок за исполнување на оваа обврска - крајот на 2020 г. за што ќе треба да се обезбедат 1 милион денари, кои се апсолутно непотребни бидејќи апликацијата е бесплатна. Рамсарската апликација, повеќе од очигледно се опструира од клучните луѓе во процесот“, велат од граѓанската организација во отвореното писмо до министерот Нуредини.
Поради сето тоа, тие бараат министерот веднаш да ја поднесе апликацијата, најстрого да ги санкционира посочените опструктори, и да започне постапки пред други органи за нивна целосна одговорност поради злоупотреба на службената должност и работење на штета на јавниот интерес.
Бавни мерки, брза деградација
Студенчишко Блато, кое е природен филтер на Охридско Езеро, со години наназад е предмет на деградација. Таа започнала во 70-тите години на минатиот век, но најголемата деградација ја доживува во последните 15 години. Според експерти кои ја следат неговата состојба, над 10 хектари се целосно деградирани: околу 5 хектари се под градежен шут, 4 под локалното комунално претпријатие и 1,5 под објекти на АРМ, а дел од останатата површина е узурпирана за земјоделско земјиште. Досега властите не се загрижија што на тој простор егзистираат екстремно ретки растителни и животински видови. Грижата беше промоворирана преку нарачка на студии за заштита на Студенчишко Блато, по кои немаше никаква акција. Потоа се нарачуваа нови студии, за да се ревидира изменетата состојба во меѓувреме. Резултаите од последната студија нарачана во 2018. година, уште повеќе ги разлутија организациите кои се грижат за животната средина, особено со плановите таму да се гради „мала марина за едрилици“ и 1.000 паркинг места за возила. Сето тоа е во спротивност со барањата од „Охрид SOS“ и други организации, кои се залагаат таму да се вметнат исклучиво содржини кои ќе бидат во функција на зачувување на еко системот: изградба на патека на колци, набљудувачници за птици, следење на ревитализацијата и на одредени ретки животински и растителни видови и птици, информативни табли кои ќе ја подигнат еколошката свест, и други проекти.
Од „Охрид SOS“ и порано го кренаа гласот против изградба на Марина во реонот на Блатото. Велат дека Студенчишкото Блато не смее да се третира како нечиј двор или паркинг на кој ќе ги сместат своите скапи играчки неколку ситни капиталисти кои тоа го сметаат за поплавена ливада.
Во некои од „бомбите“ што пред четири години ги објави СДСМ, можеше да се слушне и разговор меѓу двајца високи функционери на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како разговаарат за изградба на бензиска пумпа во тој дел, но и голема населба со бунгалови.