Ракомет: Од Загреб преку Вараждин до полуфинале
Македонските ракометари уште еднаш ја кренаа нацијата на нозе. Извонредните игри на Европското првенство во Хрватска не оставија никого рамнодушен. Светските медиуми пишуваат за нив во суперлативи. Целта е полуфинале.
Најтешкото претстои
Со пренесените три бода од првата рунда, Македонија ја предводи четвртфиналната група во Вараждин. Патот до полуфиналето на првенството е отворен, но најтешките мечеви допрва претстојат. Шпанија, Чешка и Данска се противниците на Македонија. Две победи или во идеални услови една победа и еден нерешен резултат, би требало да бидат доволни за пласман меѓу четирите најдобри на првенството.
Никој нема вакви навивачи
Во Вараждин веќе се бара карта повеќе за натпреварите на македонската репрезентација, а проценките се дека поддршката ќе стигне од најмалку три илјади навивачи. Проблемот е што салата во Вараждин е помала од онаа во Загреб, па прашање е дали ќе има место за сите заинтересирани за бодрење на црвено-жолтите. Како и да е, нивното присуство ќе се почуствува уште посилно.
Фалангата ги посрамоти Хрватите
Не е новина, но е вредно за споменување. Светските медиуми повторно не штедат пофалби кога се во прашање македонските навивачи на првенството. Играчите признаваат дека тие се составен дел од големите успеси. А Хрватите им завидуваат на Македонците кои во поголем број ги следат мечевите на својата селекција од домаќините.
Вечниот Лазаров
На 37 години, капитенот на македонската селекција не само што е лидер на тимот, туку и еден од најдобрите играчи на првенството. Кирил Лазаров веќе е запишан во аналите на европскиот и светски ракомет како најдобар стрелец во историјата, но капитенот има уште еден мотив: Олимпијадата во Токио.
Столе „шрауба“
Се извинуваше по промашениот зицер против Германија, иако тоа од него никој не го бараше, ниту беше потребно. Стоилов е миленик и на соиграчите и на навивачите, страв и трепет за одбраните на противничките тимови и клучен играч во тимот. Последиците од ќотекот кој го добива на секој меч се видливи на неговото тело. И најубавиот гол на првенството е негово дело: славната „шрауба“ против Германија.
Талески израснува во лидер
Младиот Филип Талески (21) полека израснува во еден од клучните играчи во македонската репрезентација. Ракометарот на Рајн Некар Левен блесна во дуелот со Германија и речиси без грешка го одигра мечот, постигнувајќи шест голови. Покрај Талески, шансата од селекторот Раул Гонзалес одлично ја користи и Филип Кузмановски.
„Министерот“ за одбрана
Борко Ристовски не се прослави на првите два меча на првенството, но блесна кога беше најпотребно- во клучниот дуел против Германија. Не само што беше прогласен за играч на натпреварот од страна на ЕХФ, туку со своите одбрани во второто полувреме беше еден од најзаслужните за нерешениот исход. Подемот на неговата форма може да биде клучен за македонската репрезентација во натамошните дуели.
Ќе не гледаат со други очи
По успешната прва рунда, Филип Миркуловски вели дека ривалите сега со други очи ја гледаат Македонија и нема да биде лесно. „Можеби не очекувавме да бидеме први во групата, но успеавме да го оствариме ова. Ако досега бевме изненадување за противниците сега во Вараждин сигурно ќе не гледаат поинаку“, вели Миркуловски.
Пикерот „колос“
Жарко Пешевски вообичаено е замена за Стојанче Стоилов во првиот тим, но на мечот против Германија тој одлично се вклопи во стратегијата на селекторот Гонзалес со два пикери, постигнувајќи 3 погодоци. Пешевски беше изненадување за Германците, а германските медиуми по мечот говореа за македонските „колоси“ мислејќи на него и на Стоилов.
Гоце Георгиевски
Иако не одигра добар меч против Германија, неговото име го обиколи светот откако се најде во видеото на ЕХФ во кое се славеше двојниот цепелин на македонската репрезентација. Лазаров до Георгиевски, Георгиевски до Лазаров и бум!
Поглед напред
Низ годините македонските ракометари не навикнаа на успеси и прослави. Нема причина да не биде така и по ова првенство. Успесите од првата рунда сега се минато, а погледот напред е насочен кон дуелите со Шпанија, Чешка и Данска... и полуфиналето, зошто да не?!