1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

2017- та на македонскиот спорт, година на чуда!

Златко Калински
29 декември 2017

Ова беше спортска година на сензационални успеси, неочекувани блесоци, но и на резултатски разочарувања. Година превртлива и контроверзна, каков што е впрочем и карактерот на спортот.

https://p.dw.com/p/2q5NH
Deutschland Knapper Sieg gegen Paris: Skopje holt Champions-League-Titel
Фотографија: Getty Images/AFP/I. Fassbender

Никогаш нема да се заборави  победнички крик во Ланксес арената во Келн и вардаровото ракометно крунисување. Или пак како некоја волшебна рака да ги водеше Реал Мадрид и  Манчестер Јунајтед до Македонија, за да ги одмерат силите во скопската фудбалска арена, под чии сводови вечно ќе остане присутен духот на фудбалските титани. Нешто поубаво, тешко можеше и да се замисли!

Од која и да било страна да се погледнат македонските спортски врвови во годината што си оди, доминантен е ракометот и црвено-црната вардарова боја. Навираат сликите од Келн, од антологиските вардарови надигрувања.Драмата во полуфиналето против Барселона чиј јунак беше Лука Циндриќ со победничкиот гол се покажа дека е само увертира за завршната претстава од Лигата на шампионите. Финалето против Пари Сен Жермен имаше уште повозбудливо  сценарио, со последниот победнички јуриш предводен од Иван Чупиќ и неговата гол-магија.Вардар го крена пехарот,стана европски ракометен шампион, ја крена и нацијата на нозе. Триумф на долгорочната успешна клупска стратегија со историска резултатска позлата.

Претходница на Келн беа настаните на женскиот завршен турнир од Лигата на шампионите во Будимпешта. Се заврши со длабока воздишка  за вардаровата „поубава“ клупска половина. Откако „вардарките“ во третиот свој обид успешно го минаа полуфиналниот тест против Букурешт, се соочија со унгарскиот Ѓер, мотивиран и носен од домашниот амбиент. На 26:26 Вардар го имаше последниот напад, но не успеа да ги отвори „рајските порти“. Унгарките, во продолжението не му дадоа втора шанса на македонскиот првак,кој загуби со 31:30.

Моменти за паметење

На исклучителната вардарова  година, се надоврза и македонската ракометна репрезентација, која предводена од ракометниот маг Раул Гонзалес, успешно ги мина квалификациите и избори виза за учество на Европското првенство во Хрватска во јануари 2018 година.

Фудбалско будење

Низ напластеното со темни облаци, македонско фудбалско небо одеднаш се појави зрак.Блесок на селекцијата на Македонија до 21 година, изненадувачки за сите. Радески, Велковски,Барди, Марковски, Бабунски ...предводени од селекторот Милевски  во квалификациската група ги ставија под нозе една Франција,Украина, Исланд, островјаните Шкотска и Ирска и победнички зачекорија на големата сцена. Друштвото на македонските фудбалски надежи, кое ги растрепери спортските срца, станаа дел од 12-те привилегирани репрезентации. На Еуропеото во Полска, без турнирско искуство, растоварени од императиви  одиграа нерешено со Србија, а ги загубија дуелите против моќните Шпанија и Португалија.

Но,овие млади момчиња нагло им ги отворија очите и на стручњаците и на јавноста дека постои надеж за подобри фудбалски времиња. Селекторот Игор Ангеловски им ја отвори портата на сениорската репрезентација на Македонија, која беше загубена во квалификациите за Мундијалот во 2018-та во Русија, во март 2017-та потоната на 166-то место на ранкинг листата на ФИФА. Сликата нагло се смени! Македонија, групата ја заврши со 11 бодови, против Италија на гости одигра 1:1, од 9-те мечеви оваа година загуби само еден, против Шпанија со 2:1 и направи прогрес од неверојатни 88 места на листата на ФИФА. Годината ја завршува на 78-то место!

Türkei Mazedonien Europa League Fenerbahce vs Cardar
Фотографија: Reuters/M. Sezer

Во ова контроверзно живеење низ кое минува македонскиот фудбал, со слаба, „исплакната“ лига, со лоша инфраструктура, со голо преживување на најголемиот дел од клубовите, Вардар успеа да направи сензационален исчекор во Европските купови. Двобојот на „Давид и Голијат“ против Фенербахче го доби и стана првиот македонски клуб учесник во групната фаза од Лигата на Европа. Се покажа дека тоа сепак бил момент на инспирација, кој повеќе не се повтори во натпреварите против Зенит, Реал Сосиедад и Розенборг, што следуваа потоа ...!

Mazedonien Skopje Supercup Real Madrid vs. Manchester United
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

И конечно, 8 август за паметење! Скопје долго живееше за тој ден, за Суперкупот на УЕФА, особено откако актери на фудбалскиот спектакл станаа Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.натпревар за каков можеше само да се мечтае! Требаше да се има многу среќа да се дојде до влезен билет. Допатуваа двете клупски свити во Скопје, со сиот гламур што го носат со себе, одиграа содржаен меч, Реал победи со 2:1. Скопје го почувствува здивот на гигантите, атмосферата и амбиентот во кој се одвиваат најголемите фудбалски настани. Вечер неповторлива, за незаборав.

Real Madrid v Manchester United - Super Cup Final
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Кошаркарско тонење

Не беше толку одамна бајката низ која минуваше македонската кошарка. Македонија на Европското првенство во 2011-та во Литванија влезе во ½ финалето во битката за медали! Се соочи и со шанса да игра на Олимпијада!

Eurobasket 2013 Mazedonien vs Montenegro 04.09.2013
Некогаш...Фотографија: Samuel Kubani/AFP/Getty Images

Денес Македонија е на дното! Направи изостанок на годинешниот Еуропео, по четирите последователни учества. Резилот да биде уште поголем, не ги мина предквалификациите за светското првенство. Остана поразена и понижена во надигрувањето со Естонија и Косово!!! Некој мора да биде виновен за оваа стравотија низ која минува македонската кошарка.По обичај, тоа беа селекторите, кои се сменуваа со секоја наредна година и со секој резултатски неуспех: Лазовски (2012), Пипан (2013), Џикиќ (2014), Србиновски(2015), Раца(2016). Актуелниот стратег е Јорданчо Давитков,кој во моментов ги вади врелите компири.Врие деновиве во македонската кошаркарска федерација.На тапет е претседателот Петар Наумоски. Покрената е иницијатива од некои клубови за негова смена, а тоа ќе биде една од првите точки на дневен ред во 2018 година.