1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расветлување на скандалот со донирање органи

Фабиан Шмит / Симе Недевски19 август 2013

Пред една година во Германија изби дотогаш незапаметен скандал околу манипулација со доделувањето органи за трансплантација. Денеска (19.8.) започнува процесот кој би требало да ја поврати довербата во системот.

https://p.dw.com/p/19Rwt
Фотографија: picture-alliance/dpa

На крајот на јули 2012. година државното обвинителство во Брауншвајг објави дека започнало истрага против еден лекар од Универзитетската клиника од Гетинген. Лекарот некогаш го водел центарот на трансплантација во таа клиника, а го обвинуваат дека манипулирал со листите на пациентите кои чекале за донација на органи и тие манипулирани листи ги испраќал во европската банка на податоци за органи за трансплантација. На тој начин на своите пациенти им овозможувал побрзо да дојдат до органи.

Тој едноставно состојбата на своите пациенти ја прикажувал полоша отколку што реално била за да им ги зголеми изгледите што побрзо да дојдат до органи, најчесто бубрег. Досега не е утврдено дали овој лекар од своите пациенти добивал пари за тоа. Но постои основано сомнение дека со манипулација на листите многу други пациенти останале без органи и на крајот починале. Поради тоа лекарот е обвинет за обид за убиство од небрежност во 11 случаи и намерно нанесување телесни повреди во 3 случаи. Како што покажа истрагата, забележан е невообичаено голем број пациенти во клиниката во Гетинген дојдени од Италија и тоа исклучиво од градот Болоња.

Бројни неправилности

Истрагата дојде до сознанија и за сомнителни „миграции“ на пациенти и во болниците каде што работел обвинетниот лекар пред доаѓањето во Гетинген. Така, додека тој работел во клиниката во Регенсбург е забележан голем број пациенти од Јордан, кои всушност воопшто немаат право на органи за трансплантација кои се наоѓаат во европската база на податоци. Истрагата во Регенсбург се води независно од онаа во Гетинген па сѐ уште не е познато дали во овие случаи се работи за примање мито. Поттикнато од ваквите случувања на двете германски клиники, Министерството за здравство покрена широка контрола на системот за трансплантација на органи на национално ниво. Притоа се пронајдени бројни неправилности, главно врзани за манипулација на лабораториски наоди на потенцијалните приматели на органи.

Symbolbild Organspende
Фотографија: picture alliance/chromorange

Недостаток на донатори

Скандалот во Германија предизвика широка општествена дискусија за системот на трансплантација на органи што резултираше со драстичен пад на (во европска споредба и онака натпросечно мал) бројот на донатори.
Во првите шест месеци од годинава бројот на донирани органи падна за 18,3 проценти. Согласно тоа опадна и бројот на трансплантации. Во Германија е дозволено да се донираат органи единствено ако донаторот на тоа се согласил додека бил жив. Поради тоа донаторот со себе секогаш носи донаторска книшка. На донирање на органи за трансплантациски цели по смртта не може да влијае ни најтесното семејство. Државата реагираше со реформи на системот за трансплантација на органи и со построга контрола врз германските трансплантацикси клиники. Но довербата на потенцијалните донатори пред кои се наоѓа голема и тешка одлука, е сѐ уште разнишана. Политичарите и лекарските комори се надеваат дека процесот во Гетинген би можел да го промени моменталното негативно расположение.