Расте интересот за вакцинација
12 мај 2021Расте интересот за вакцинација на населението во Северна Македонија. Само во текот на вчерашниот ден се вакцинирале 14.976 граѓани, а прва доза вакцина примиле 13.976 лица.Од Министерството за здравство информираат дека вкупно се аплицирани 160.425 дози вакцини, а ревакцинирани се 24.851 лице против Ковид-19.
Имунизацијата се спроведува во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје и во во повеќе регионални пунктoви во земјата.
-повеќе на темата: Од 15 мај патување во Грција и за македонските туристи- со услови
„Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 318.793 граѓани. Пријави се на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат до термин за вакцинација“, апелираат од Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера информираше дека добиле добра вест од УНИЦЕФ. „На 14 мај ќе стигне втората пратка вакцини што ги обезбедивме преку КОВАКС механизмот и ќе ни бидат испорачани 38.400 вакцини од производителот АстраЗенека. Вакцини ќе продолжат да пристигнуваат во следниот период“, вели Филипче.