1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рација против приврзаниците на Ѓулен во Турција

Т.Зајберт/ дпа/ афп/ ртр/ А.Трајковска14 декември 2014

Полицијата во Турција спроведе рација против приврзаниците на ривалот на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Исламскиот свештеник Фејтула Ѓулен, кој живее во САД се обвинува дека сакал да ја собори владата.

https://p.dw.com/p/1E3zx
Фотографија: Reuters/M. Sezer

Турските сили за безбедност ширум земјата спроведоа голема рација против новинарите и наводните противници на владата во редовите на полицијата. Притоа бил упасен и поранешниот шеф на антитерористичката единица во Истанбул, информира новинската агнеција ДХА.

Според извештаите на државното радио бил извршен претрес во телевизиска станица, која била блиска до движењето на Ѓулен и во весник кој исто така бил поврзан со него. Се работело за весникот „Заман“ од Истанбул, јавува државната новинска агенција Анадолу. Пред просториите на редакцијата се собрале поддржувачи и протестирале против рацијата. Информативната телевизиската станица НТВ информираше дека биле издадени 32 налози за апсење во 13 провинции.

Ердоган прераспредели илјадници наводни приврзаници на Ѓулен

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го обвинува движењето Ѓулен, дека се инфилтрирало во државните институции за да ја собори владата. Исламскиот свештеник Ѓулен, неговиот некогашен сојузник, го негира тоа.

Но, со оглед на тоа што постоеја претпоставки дека луѓе на движењето се распространети во полицијата и судството за да дејствуваат одвнатре, турската влада презеде мерки. Ердоган и неговите приврзаници зборуваа за „паралелни структури“ во државниот апарат кои имале за цел да ја соборат владата. Затоа ваквите структури, како што се велеше, треба да се уништат со масовни преместувања и отпуштања. Ердоган уште додека беше премиер, пред да стапи на претседателската функција, ги прераспредели илјадници наводни приврзаници на проповедникот во полицијата и кај правосудните органи и затвори училиштата на Ѓулен движењето. Ердоган исто така смета дека движењето на Ѓулен стоело зад обвинувањата за корупција во турската влада, кои се појавија пред една година.

USA Türkei Islam Fethullah Gülen
Од приврзаник на Ердоган до негов противникФотографија: picture-alliance/dpa

Движењето Ѓулен се вбројува во највлијателните исламски движења во Турција. Тоа е предводено од исламскиот свештеник Фејтула Ѓулен, кој од 1997 година се наоѓа во егзил во САД Во Турција движењето има голема привлечна сила, но истовремено е и предмет на критика. Критичарите обвинуваат дека движењето со своите приватни училишта во 140 земји има прикриена исламистичка агенда.

Случувањата во Турција во понеделник би можеле да бидат и тема на состанокот на ЕУ министрите за надворешни работи, напиша поранешниот амбасадор на ЕУ во Анкара Марк Пјерини на Твитер. Исто така и претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц изрази загриженост и полициската акција ја означи како „многу вознемирувачка“.