1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Надеж за препород

Милчо Јованоски30 ноември 2014

Автопатот Кичево – Охрид долг 57 километри треба да биде готов за четири ипол години. Надежите на државата и населението во регионот се дека со него ќе се „разбуди“ економијата и дека тој ќе донесе поголем благодет.

https://p.dw.com/p/1Dx4m
Фотографија: DW/M.Jovanovski

Меѓу Кичево и Охрид пејзажот се менува. На терен има се’ повеќе механизација и раздвиженост, се забележуваат и контурите на пристапните патишта кадешто ќе минува автопатот. Камен – темелникот беше пред 8 месеци, но изградбата на оваа делница од третиот македонски автопат „Мајка Тереза’“ започна во мај. Овој капитален проект се проценува на околу 375 милиони евра и се смета за највисока инфраструктурна инвестиција во последниве 50 години во Македонија.

Делницата долга 57 километри ќе биде широка 26 метри, со проектот предвидена е изградбата на 7 мостови , 22 вијадукти, 6 натпатници, 13 потпатници и 1 тунел кај месноста Пресека долг околу два километри којшто веќе се пробива. Автопатот се гради со поволен кредит од кинеската „Ексим банка“, изведувач е кинеската комапнија „Синохидро лимитед“, подизведувачи се македонските „Гранит“, „Бетон“ и „Трансмет“... Истовремено се работи на 3 локации и според договорот 51 процент од ангажираните работници ќе бидат од општините низ кои минува автопатот. Всушност, ангажманот на работна рака од локалното насeление е првата придобивка од инвестицијата . Локалните стопански комори притискаат да не се забораваат македонските компании, а се зголемува и бројот на нови ангажирани стручни лица, инженери и работници .

Mazedonien Autobahnbau zwischen Ohrid und Kicevo
Фотографија: DW/M.Jovanovski

Бум во изградбата на автопатот се чека идната пролет

На стартот од изградбата на автопатот премиерот Никола Груевски рече дека најзначајна придобивка е можноста за побрза и побезбедна комуникација меѓу населените места од кичевскиот и охридско – струшкиот регион:„Најважно е што по изградбата ќе се скрати времето на патување на пример меѓу Охрид и Скопје, тоа ќе влијае поволно на развојот на туризмот , а се очекува инвестицијата да донесе и економско заживување на регионот, особено на слободните индустриско – развојни зони во Кичево, Дебрца, Струга и Вевчани.“ Од подизведувачот „Трансмет“ ни рекоа:„ Во мигов се работи на подготвителни работи, изградба на пристапни патишта за пробивање на трасата. Се градат работнички населби за работниците и техничкиот кадар кој работи на изградбата на автопатот и помошни згради и објекти, инсталација за бетонски бази и слично. На втората делница на автопатот на која работи „Трансмет“ предвидена е и изградба на мостови и вијадукти. Дека се чека да „пукне“ идната пролет за интензитетот на градежните работи да земат полн ек ни потврдија и во Центарот за вработување во Охрид. „Ние сме подготвени да профилираме кадри кои ќе им бидат потребни на градежните компании, но тие кај нас уште не се обратиле. Очекуваме времено да се намали невработеноста во регионов,а подоцна автопатот да отвори нови работни места во комплементарните дејности, ни рече раководителот на Центарот Јован Баткоски.

Општина Дебарца автопатот го гледа како шасна за запирање на миграцијата

Најголемиот дел од трасата минува низ Општина Дебарца,градоначалникот Игор Трајкоски очекува автопатот да го зголеми интересот на инвеститорите за отворање на одредени погони со што би се запрела миграцијата и би се вработило населението од овој крај. „ Невработеноста е нашиот најголем проблем . Краткорочната придобивка ја гледаме во ангажирањето работници кои ќе работат во градежните компании директно на трасата. Во мигов се работи на потегот од тунелот Пресека кон селото Песочани. Заедно со Министерството за транспорт и врски веќе работиме на документацијата за индустриска зона кај селото Мешеишта, близу до аеродромот и таму ќе има место за лесна – незагадувачка индустрија. Откако ќе биде изграден автопатот, според сегашните укажувања на државата, населението нема да плаќа патарини за движење низ општината,“ вели Трајкоски. Странските инвеститори полека влегуваат во Дебарца. Ф ирма од Украина под концесија на 40 години веќе го зела наоѓалиштето за железна руда на планината Стогово над селото Врбјани. Сега се пробива патот до идниот рудник. Тие се надеваат на брзата изградба на автопатот , но и на најавите дека наскоро ќе отпочне и изградбата на железничката пруга од Кичево кон Охрид и Струга, со што овој дел од Македонија железнички ќе се поврзе со пристаништето Драч во Албанија.

Mazedonien Autobahnbau zwischen Ohrid und Kicevo
Фотографија: DW/M.Jovanovski

Во општина Дебарца треба да се отвори средно училиште за аграр и екологија, за да се добијат образовани фармери, смета Лазо Наумоски,агроном и екологист од Охрид. Како најповолна локација ја посочува напуштената зграда на училиштето во Сливоски Анови. „Дебарца ги има сите предуслови за производство на органска храна. Така плодните и напуштени ниви , пак ќе бидат обработени. Се работи за над 26.000 хектари . На тој начин ќе се следи европскиот терк во оваа област,“ вели Наумоски. За да се зачува природата од пребрзата урбанизација која ќе дојде Наумоски предлага паралелно да се размислува за изградба на мали пречистителни станици за заштита на водното богатство, пособено на реката Сатеска, која се влева во Охридското Езеро. На потегот меѓу селата Белчишта и Лешани се зголемува бројот на сончевите колектори за производство на струја кои здружено ги поставуваат приватни лица на сопствени имоти.

Граѓани чии имоти се на трасата на автопатот се жалат на експропријацијата

И додека едни се во надеж дека автопатот ќе го врати животот во регионот, сопственици на земјиштето каде ќе минува автопатот пред неполн месец протестираа пред Општина Кичево бидејќи се незадоволни од надоместокот за експропријација. „За смешни пари ни се одземаат ниви и пасишта кои со векови биле наши,“ вели граѓанин засегнат од експропријацијата, кој сакаше да остане анонимен. Сопствениците на имотите побараа Владата брзо да им одговори на барањата,а ако не бидат задоволни не ја исклучија можноста за блокади на локалните и магистралните патишта. Во Јавното правобранителство во Охрид годинава е завршена експропријацијата за над 1900 постапки, а дел од граѓаните од Дебарца, незадоволни од понудената цена во зависност од класата на одземеното земјиште кое им се плаќа од 200 до 1200 денари за квадратен метар, започнале судски постапки.