Рекорден пораст на новороденчиња од странски родители
10 октомври 2016Махмуд е роден во одделот за акушерство во болницата „Шарите“ во Берлин, една од најголемите универзитетски болници во Европа. „Сѐ помина добро“, вели неговиот татко, држејќи го во рацете новороденчето неколку часови по неговото раѓање. „Среќни сме. Сретнавме многу добри луѓе тука“. Мајката на Махмуд заздравува од породувањето со царски рез. Пред една година, ова семејството пристигна во Германија од Сирија. Махмуд ќе живее во Берлин, барем во догледна иднина.
Собата за новороденчиња во Шарите е преполна со зафатени доктори и медицински сестри, мајки кои ги дојат своите новороденчиња и го стишуваат нивниот прв плач. Многу од овие мајки се странски државјани.
Според германскиот Сојузен завод за статистика (Дестатис), во 2015 година едно од секои пет новороденчиња е родено од мајка државјанин на странска земја. Ова претставува пораст од 20%, предизвикан од бранот бегалци и имигранти од Источна Европа.
Во 2015 година, 4.800 сириски жени се породиле во Германија, споредено со само 2.300 во 2014 година. Според Дестатис, бројот на бебиња родени од романски жени пораснал за 47% во 2015 година (8.154 новородени споредено со 5.551 во 2014 година), додека бројот на новороденчиња од бугарски мајки се зголемил за 34%, односно на 4.202 новороденчиња во 2015 година од 3.135 во 2014 година.
Иако бројот на раѓања на деца од турски жени во Германија во 2015 година се намалил, сепак тие остануваат најголемата група мајки со странско државјанство во Германија со родени 21.555 деца во 2015 година. По нив следат жените со полско државјанство, кои во 2015 година родиле 10.831 деца.
Нерешен проблем
Болницата ги третира сите пациенти еднакво, изјави за Дојче веле д-р Волфганг Хенрих, директор на одделот за акушерство во „Шарите“. За жал, нивната националност може да предизвика логистички и финансиски предизвици. „Секако дека забележавме зголемување на бројот на бремени жени бегалки“, изјави Хенрих. „Најмногу се соочуваме со проблеми предизвикани поради јазичната бариера. Мора да се осигураме дека можеме да повикаме преведувачи или да најдеме некој во болницата кој може да ја заврши работата. И покрај тоа, ние се трудиме да вработиме здравствени работници кои зборуваат странски јазици“.
Со повеќе од 5.000 породувања годишно, „Шарите“ веќе вработи најмалку по еден сириски доктор во сите четири локации во Берлин. „Трошоците за преведувачи оваа година се искачија на повеќе стотици илјади евра поради бројот на странски жени кои едноставно се појавија“, вели Хенрих. „Не зборувам само за жени од Сирија, туку и за оние од Ирак, Иран, Авганистан или други африкански држави. Во такви случаи, ние треба да најдеме преведувачи во многу кратко време. Финансирањето на овие услуги е нерешлив проблем“.
Од бирократска гледна точка, за граѓаните на ЕУ е многу полесно да ги користат услугите на германскиот здравствен систем, отколку што е за луѓето кои доаѓаат надвор од блокот. Адријана живее во Лајпциг од 2012 година, каде што на нејзиниот сопруг му била понудена работа како готвач во ресторан. Двојката од Романија има двегодишен син. „Бев многу нервозна кога мојот сопруг ме однесе во болницата, но сѐ помина во најдобар ред“, се присетува Адријана. „Да, имаше жена во болницата, мислам дека беше докторка, која помогна со преведување, но и јас зборував малку германски во тоа време. Добро е тоа што и двајцата имаме здравствено осигурување“.
Пациенти со медицински итности никогаш нема да бидат одбиени
Д-р Фолкер Милер, доктор од Касел, за ДВ изјави дека болниците се соочени со финансиски дилеми кога ги лекуваат бегалците и имигрантите кои доаѓаат од земјите кои не се членки на ЕУ. „Освен трошоците за преведувачки услуги, исто така има бирократски процедури поврзани со тоа кој треба да ги покрие трошоците за осигурување“, изјави Милер.
Здравственото осигурување во Германија е задолжително според закон за сите експатријати. Европската унија воведе заедничка Европска карта за здравствено осигурување која може да се користи за лекување на сите акутни здравствени проблеми за време на краток престој во другите држави членки. При долгорочен престој во Германија, граѓаните на ЕУ мора да се вклучат во системот на приватно или на државно здравствено осигурување.
Породувањата и другите итни медицински проблеми на бегалците се покриваат од страна на локалната власт за време на првите 15 месеци од нивниот престој во Германија. Доколку барателот на азил сѐ уште е во процедура на барање азил и по истекот на првите 15 месеци, на бегалците им се доделува истото здравствено осигурување како она што е задолжително за германските граѓани. „Независно од случајот, пациентите со итни медицински проблеми и оние кои се породуваат, никогаш нема да бидат одбиени“, заклучува Милер.