Рекордна емисија на стакленички гасови
22 ноември 2018„Не постојат знаци за сменување на трендот, кој води кон трајни промени на климата, подигнување на нивото на морињата и зголемување на киселоста на водата во морињата и океаните, како и сѐ повеќе екстремни временски ситуации“, соопшти денеска претставник на Светската метеоролошка организација во Женева. Научните податоци се јасни: „Без намалување на емисијата на јаглероден диоксид и останатите штетни гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина, промената на климата ќе доведе до уништувачки и нереверзибилни последици за Земјата “, истакна генералниот секретар на СМО, Петери Таалас, според кого, шансата нешто да се промени, веќе е испуштена.
Просечната концентрација на јаглероден диоксид пораснала на 405,5 честички на милион честички во 2017 година, што е пораст од 403,3 честички на милион честички во 2016 година. Нивото на метан и азот оксид исто така пораснало. Индустрискиот гас ЦФЦ-11 исто така расте и покрај меѓународниот мораториум на неговото производство. Најверојатно објаснување на неговиот пораст е производството на овој гас во источна Азија, наведува СМО. Кон зголемувањето на емисијата на штетни гасови придонесуваат, покрај порастот на бројноста на светското население, интензивирањето на земјоделството и сечата на шумите, како и индустријализацијата и со неа поврзаното користење на фосилни горива.