1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција на пресвртна точка

Спирос Москову5 јули 2015

Владата во Атина одговорноста за неуспехот на преговорите со меѓународните кредитори сака да ја префрли врз грбот на гласачите. Тоа ја загрозува демократијата во земјата, коментира Спирос Москову.

https://p.dw.com/p/1Fst0
Фотографија: Getty Images/A. Messinis

Овој референдум претставува пресвртница во поновата грчка историја. Во прв план се мерките на штедење и реформите кои ги бараат кредиторите на оваа држава во банкрот. Владата на Грција ги отфрли и ги напушти преговорите. Сега бара од граѓаните да излезат на гласање за да може со „одлучно “не“ за странските сили“ да ја зајакне сопствената позиција на власт. Бидејќи преговорите за предложените мерки на штедење веќе воопшто не се можни, на овој референдум всушност се гласа за положбата на Грција во рамките еврозоната, за поврзаноста со Европа, за политичката ориентација на целата земја.

Она што си го дозволи популистичката влада на левицата и десницата во Атина, претставува првостепен скандал. Алексис Ципрас се колне во демократијата а во ист момент ја води земјата во насока на референдум за финансискокополитичко прашање, што грчкиот Устав не го дозволува. Ципрас се колне во човечко достоинство, а во исто време банките се затворени, а пензионирите на големи горештини стојат пред празните банкомати, за да подигнат само дел од своите пензии. Во економијата владее застој, во политиката поларизација, меѓу граѓаните беспомошност и очај.

Диктатура од кошмар

Moskovou Spiros Kommentarbild App
Спирос Москову раководи со грчката редакција на ДВ

Анкетите покажуваат дека на денешниот референдум ќе владее мртва трка меѓу оние кои сакаат договор со меѓународните кредитори и оние кои се за непопустлив став на владата. Малкумина се оние кои се свесни дека во очите на остатокот на Европа владата на Ципрас и цела Грција ја прокоцкаа довербата, трпението и секое разбирање. Само на прв поглед е противречно тоа што 80 насто од Грците сакаат да го задржат еврото. Многумина, за жал, се навикнаа на тоа оти силната заедничка валута е „божји подарок“, а не дека тоа мора да биде резултат на економски ефект и продуктивност.

Се’ на се’, Грција пред референдумот е економски, политички и ментално подалеку од остатокот од Европа отколку некогаш била. Државата е скршена, исцрпена од незапамтената криза, странец во Европа во која владее диаметрално спротивна политичка култура. Во вакви тешки времиња, во вртлогот на ситуацијата која изгледа безизлезна, повторно се јавуваат сеќавањата на страшното минато. 40 години по уривањето на диктатурата, грчкиот парламент стана дом на пратеници на една неонацистичка организација- озлогласената „Златна зора“. Авторитарните идеи во меѓувреме се будат и во владата на Ципрас. Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, шеф на деснопопулистичката партија АнЕл, тврди дека армијата е секогаш гаранција за „внатрешната безбедност“, без разлика што е тоа во жесток судир со државниот Устав. Присутниот премиер, инаку левичар, само загадочно се насмевна на тоа. Владата на Сириза стана гнездо кое крие кукавичко јајце.