Реформи во ВМРО-ДПМНЕ или „огледалце, огледалце...?
21 февруари 2017Има ли во ВМРО-ДПМНЕ внатрешен потенцијал и реална можност за почеток на демократизирање на партијата во овој момент? Прашањето се актуелизира откако под мотото „Демократско ВМРО за демократска Македонија“ пред четири дена до медиумите беше испратено известување дека функционира „Внатрешна иницијатива за модернизација и демократизација на ВМРО-ДПМНЕ“, опишана како глас на совеста и свеста на членовите и симпатизерите, кои решението на проблемите го гледаат внатре во партијата.
„Стабилизацијата на партијата ќе придонесе кон комплетна стабилност на Република Македонија“, пишуваат иницијаторите и преку Манифест повикуваат на обединување околу четири цели: Модернизација и демократизација на структурата и органите на партијата; унапредување на моралот и етичкото однесување преку почитување на основните вредности во ВМРО; декриминализација на општеството и решавање на сите отворени прашања во општеството по принципот на индивидуалните права и одговорности.
„Едностраните одлуки, назначувања без избор, немањето критериуми за соодветната одговорност, го дерогираат системот на партијата. Само демократска партија може да изгради модерно, демократско и просперитетно општество (...) Чест и одговорност е да си дел од Организацијата, а не привилегија и дневна определба! Вредностите пред интересите! Етичко и морално ВМРО гарантира одговорна, етичка и морална Македонија! Создавање на правен систем кој ќе го дестимулира криминалот на сите нивоа и во сите структури на општеството е итно потребно. (...) Граѓанинот е во центарот на новото општество на Македонија! Ве повикуваме на дејствување внатре воорганите и телата на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да создадеме стабилно ВМРО за стабилна Македонија!“, порачаа иницијаторите.
ВМРО-ДПМНЕ: Напишано на Бихаќка!
Со оглед дека покренувачите на иницијативата се непознати за јавноста, таа предизвика разни шпекулации. Некои сметаат дека таа е произведена токму од раководството за да види колкав е бројот на оние кои ќе пројават интерес за иницијативата и потоа да расчисти со непослушните. Други се уверени дека таа е автентичен крик, но поради султанизмот во партијата, не е зачудувачки што иницијаторите се решиле на анонимност во фаза на запознавање на членството со Манифестот. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак велат „дека токму анонимноста на иницијаторите покажува дека вистински автор е аболицираниот криминалец Зоран Заев“.
„СДСМ е во паника. Криминогеното раководство знае дека доаѓа време да се одговара пред законот за сите криминали. Самата помисла на казнено-поправниот дом Идризово го зголемува стравот и ги тера на смешни и апсурдни чекори. Затоа СДСМ преку порталите финансирани од Сорос/СДСМ пласира измислени декларации напишани на Бихаќка. Нему му требаат ваквите лажни вести за да го избегне одговорот на клучното прашање, а тоа е дали ја прифаќа или не сеалбанската платформа од Тирана“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ од нејзините почетоци, а кои денес се дистанцирани од партијата, не веруваат дека некој се охрабрил на таков чекор во насока на демократизација на партијата. Еден од нив е и професорот Јове Кекеновски.
„Не верувам дека некој собрал храброст да побара демократизација од повисоките ешалони. Не се можни никакви реформи во партија со авторитарно раководство, во партија со клиентелистиччко членство и во партија која негува поданичка политичка култура. Кога партијата реално ќе се освести, тогаш ќе биде доцна за реформи. Практиката покажа дека оние кои најмногу го поддржуваат раководството, кога тоа ќе падне - први стануваат негови најголеми непријатели и критичари. Тоа се виде и во случајот со Љубчо Георгиевски. Оние кои се колнеа во него, први му го свртеа грбот. Така ќе биде и со Груевски“, вели Кекеновски. Според него, она што во овој момент ја прави невозможна демократизацијата во партијата, се три главни фактори: стравот, клиентелистичко чување на привилегите од страна на оние што ги добиле, и надеж кај оние на кои допрва им се ветуваат привилегии.
Молк за индициите
Сомнеж во можноста од каква било демократизација, отвора и фактот дека во партијата досега не се отворила ниту една внатрешна дебата, ниту пак се побрал отчет по објавувањето на опозициските „бомби“, од кои на површина излегоа индиции за криминал за клучните луѓе во раководството и нивни соработници.
„А кој да ја отвори таа дебата? Ако во органите на партијата седат луѓе кои се послушници и главни извршители на раководството, тешко дека некој 'обичен член' од базата ќе се осмели да бара отчет. Особено ако се вработил преку партијата. Сетете се само како заврши 15. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово. По сите скандали што се слушнаа од 'бомбите', Груевски беше реизбран за лидер, како нов 'Тито': со 528 гласа од 529 делегати, бидејќи едно гласачко ливче беше прогласено за неважечко. Таа бројка кажува се за менталитетот.. Дури и навистина да се стави на дневен ред темата 'модернизација на партијата', таа ќе заврши во стилот: Огледалце, огледале, која партија е најдемократска, што подемократска не може да биде?“, вели поранешен член на партијата.
Поради таквата атмосфера, за состојбите во партијата денес повеќе говорат нејзини бивши членови, отколку оние што се активни во неа. Последен пример за тоа е отвореното писмо што до Никола Груевски вчера го упати еден од основачите на партијата, Владимир Змејковски.
„Не знам колку знаеш, а знам дека воопшто не знаеш, стариот партиски штаб, т.н. жолта зграда, беше освојувана соба по соба, спрат по спрат, со многу пот и мака, со многу неспреспиени ноќи, одземајќи ја од канџите на тогашниот режим. Но ти Никола бессрамно реши да ја туркаш и на нејзино место да градиш 'палата' само за да ги задоволиш своите мегаломански апетити. Секој ден одев и со тага во градите гледав како цигла по цигла ја рушите зградата и чувствував како да кинете парче по парче од мојата душа. Може да изградите уште 10 'палати', но никогаш нема да успеете да ја фалсификувате историјата испишана во тие простории, никогаш нема да ја доживеете магијата која се случуваше таму“, вели Змејковски во отвореното писмо.
Како човек во чија куќа почнало да се формира ВМРО-ДПМНЕ и се одржале првите состаноци, тој го прашува Груевски - зошто седиштето на партијата го ставил под хипотека.
„Знам дека во историјата на организацијата никој нема направено таков упад и ја нема наполнето со толку неморални, и луѓе со сомнителна идеологија, како што направи токму ти. Твоите пајташи обожуваат да кажат 'долга е раката на ВМРО' ама забораваат да кажат дека е праведна и дека тоа се однесува на оние кои посегнале по организацијата или правеле зулум по народот како што правите вие“, пишува Змејковски во писмото.