1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рецепти против невработеноста на младите

Хилмар Шнајдер/Зоран Јордановски29 мај 2012

Добро образование е клуч за вработување. Но, зошто во многу европски земји толку многу млади се без работа и покрај извонредното образование? И, зошто е во Германија ситуацијата поинаква?

https://p.dw.com/p/14ocd
Фотографија: picture-alliance/dpa

Не е безусловно за чудење дека стапката на невработеност на младите практично насекаде е повисока од општата стапка на невработеност. Сепак, паѓа в очи дека се огромни разликите меѓу поединечни земји. Во Шпанија традиционално е речиси секогаш висока невработеноста кај младите, но со финансиската криза, со сегашните преку 40 проценти, таа достигна речиси застрашувачки размери. Во Германија, пак, изнесува само околу 10 проценти и се покажува безмалку како резистентна на кризата.

Натаму, упадливо е дека невработеноста кај младите е посебно висока првенствено во земји со строго регулиран пазар на работна сила. На младите им е особено тешко да воспостават работен однос таму, каде има силна заштита од отказ. Се’ додека се без работно искуство, тешко добиваат и шанса да се докажат, оти погрешни решенија при нови вработувања претставуваат висок трошковен ризик за фирмите. Тоа, се разбира, веднаш го наметнува прашањето, зошто тогаш Германија стои толку добро во поглед на невработеноста на младите, иако има споредбено погледнато силно регулиран пазар на работна сила?

Тајната на успехот

Одговорот се крие во посебностите на дуалниот образовен систем (настава комбинирана со практична работа во претпријатија), што во таква форма го има во малку други земји - Австрија и Швајцарија, на пример. Во Германија повеќе од половината од една генерација апсолвира дуално образование и се здобива со професионални квалификации. Дуалното образование од една страна обезбедува образовната понуда да биде релативно блиска до потребите на пазарот на работна сила, а од друга се погрижува за висока сигурност во стандардите на квалификациите. Згора на се’, тоа содржи и интензивна фаза на запознавање, која на фирмите им дозволува релативно сигурна проценка на способностите и развојните потенцијали на кандидатите на крајот од процесот на образование и оквалификување. Така ефикасно се ограничува ризикот од вработување на несоодветен кандидат.

Junge Arbeitslose als verlorene Generation ?
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тој систем функционира толку ефикасно, што стапката на невработеност кај младите е дури и пониска отколку во земји со минимално регулиран пазар на работна сила. Во Велика Британија, на пример, стапката на невработеност кај младите е двојно повисока во споредба со Германија, иако, за иронија, земјата има речиси двојно повисока квота на млади со академско образование отколку Германија!

Симбиоза на системите

Без дуалниот образовен систем невработеноста на младите во Германија најверојатно би се движела во слични димензии како сега во Франција и Италија. Тој е неопходен одговор на последиците од регулирањето. Без строгото регулирање на пазарот на работна сила веројатно воопшто не би ни постоел дуалниот образовен систем, оти фирмите би биле во можност во секое време да прекинат некој работен однос без поголеми загуби, а ризикот од погрешен избор при вработувањето не би играл голема улога. Со дуалниот систем отпаѓа неопходноста за финансирање на некој секако скап систем за оквалификување во претпријатието. Во Германија регулацијата на пазарот на работна сила и дуалниот образовен систем се здружени во плодна симбиоза.

Но, веројатно е тешко да се извезе тој успешен модел, оти почетните трошоци се високи и тој не може да биде воведен на широка основа во краток рок.