Животна битка на спортското поле
9 август 2016Љубителите на спортот од Кенија минатата недела дојдоа на аеродромот во Најроби и со аплауз и овации ги испратија за Рио учесниците на олимпијадата. Желбите за успех не им беа упатени само на кениските атлетичари кои се меѓу фаворитите за олимпиското злато, туку и на аутсајдерите од првиот олимписки тим составен од бегалци.
„Се надевам дека ќе ги сретнам и другите бегалци, останатите спортисти. Можеби ќе ја видам и земјата“, вели Анџелина Нада, една од петтемина спортисти од кенискиот бегалски логор Какума, кои Меѓународниот олимписки комитет (МОК) ги одбра за учество на олимпијадата во Рио.
„Бегалците се веќе толку години кај нас, но никој ни не помисли дека ќе добијат ваква шанса. Но, кога Томас Бах стана претседател на МОК, согледа дека мора да им се помогне на луѓето со бегалски статус“, вели Текла Лорупе. Поранешната светска рекордерка во маратон го подготвуваше тимот за Рио во тренинг-камп во предградие на Најроби.
Тоа не беше лесна задача, нагласува Џексон Пкемои, менаџер на кампот: „Предизвик е кога имаш луѓе кои не знаат ништо за тренинг. Дури и станувањето рано наутро беше тешка лекција“.
Трауматични животни искуства
Петтемина спортисти од Какума потекнуваат од Јужен Судан. Најголемот дел од нив речиси целиот свој живот го поминале во бегалскиот логор, како тркачот на средни патеки Џејмс Њанг: „Потекнувам од земја во која владее војна. Татко ми беше убиен во таа војна. Јас останав кај мајка ми. Но, тогаш дојдоа војници и регрутираа луѓе. Се случуваше да земаат и десетгодишни деца. Јас побегнав“.
Тимот од логорот Какума, заедно со уште пет други спортисти бегалци од Сирија, Конго и Етиопија, треба да ги претставуваат 60-те милиони бегалци ширум светот. Анџелина Нада, која на шестгодишна возраст била разделена од родителите, го смета тоа за голема чест: „Сигурно се гордеат со мене, иако никогаш не живеев кај нив. Тие не знаат ни како изгледам, но можеби од снимките ќе кажат: `Ова е нашето дете`. Каде и да се, знам дека се гордеат“.
Пример за охрабрување на младите во логорите
Бегалскиот тим настапува на олимпијадата под знамето на МОК, кој ги покрива и трошоците за тренинг, сместување и храна. Атлетичарот Јајех Пур Бил, кој ќе се натпреварува на 800 метри, апелира: „Не можеме настапиме под знамето на Јужен Судан. Поради тоа ги молам другите нации да ѝ помогнат на нашата земја. Можеби тогаш ќе можеме во 2020. година да настапиме под јужносуданското знаме“.
Тогаш можеби дури и со шанси за медал. Овојпат олимпискиот бегалски тим немаше ни цела година за тренинг, па Роуз Натике, која исто така ќе трча на 800 метри, реалистички проценува дека нема многу надеж за победа: „Многу сум возбудена оти бегалците за прв пат учествуваат на игрите. Се надевам дека ние ќе ги охрабриме младите луѓе во логорите да го развиваат својот талент. Ние започнавме пред само неколку месеци и не можеме да се споредуваме со врвните спортисти. Но, ќе дадеме се` од себе“.