Роботи во секојдневието
Роботите не само што светкаат и брчат, туку можат и да сервираат јадење! Во Кина тоа веќе е сосема нормално, иако машините би можеле да „научат“ уште по нешто од луѓето-келнери.
Што ќе нарачате?
Кина, што се однесува до техничките „зафрканции“ е често меѓу лидерите во светот. Корисно или само оригинално? Тоа е споредна работа. Роботите, како на фотографијата, веќе преземаат келнерски задачи во ресторан.
Јадењето е готово!
Се разбира, малите хуманоидни машини се извонредни за носење на готовото јадење на маса. Предноста е што роботите никогаш не се уморни, а и не мрморат - тие едноставно си ја вршат работата. Само што, кога гостите сакаат на нешто да се пожалат, станува компликувано...
Робот како главен готвач
Роботите се употребуваат не само за служење на гостите, туку и за готвење. Притоа, нивната дејност е ограничена само на подгревање на веќе зготвени јадења. Подготвувањето и готвењето мора да го преземат нивните колеги-луѓе.
Повеќе машини како роботи
Но не сите роботи во рестораните изгледаат многу човечки. Овој робот на фотографијата, на пример, нема глава, раце или нозе. Тој е составен така за да си ја завршува работата, без многу детали. Но со оглед на тоа што е наменет за работа во кујна, а не за сервис, тоа и не е важно.
Добри се и за забава...
Во робот-ресторанот во близина на Шангај машините се задолжени и за забава на гостите. Програмата за забава е добро прифатена од муштериите. Така барем може да се заклучи од нивните коментари на интернет: „Шоуто ми се допадна - храната не чини“ или „Храната во овој ресторан е споредна работа“.