1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рот: Нема потреба од план „Б“, ЕУ е прашање на време

БГ
8 декември 2020

Германија останува на ставот дека е само прашање на време кога Северна Македонија ќе ги започне преговорите за членство во ЕУ. Министерот Рот порачува дека нема причина да се бара „план Б“.

https://p.dw.com/p/3mRny
Michael Roth - Mitglied des Deutschen Bundestages
Фотографија: Andreas Gora/Getty Images

„Не е прашање дали, туку кога“, порача попладнево германскиот министер за Европа Михаел Рот, коментирајќи ја бугарската блокада на почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Рот, кој раководеше со денешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ од името на германското претседателство, вели дека е само прашање на време кога Северна Македонија ќе ги започне преговорите за членство, и апелира да се покаже оптимизам.
„Една единствена земја-членка не се согласуваше со Преговарачката рамка која мора да ја одобрат сите членки, но и земјата кандидат. Сигурен сум дека и по овој удар, нашите партнери во Скопје нема да се обесхрабрат. Независно од оваа одлука сигурен сум дека ќе продолжат со реформите." 

-повеќе на темата: Скопје: Ветото на Бугарија е неодговорна стратешка грешка

„Сигурен сум дека следната година во најбрз рок ќе најдеме решение,. Нема никаква потреба од план Б за ЕУ перспективата на Северна Македонија, туку само да се надмине спорот, и сигурен сум дека тој ќе се надмине“, порача Рот на попладневната прес-конференција.
Рот вели дека ја разбира разочараноста во Скопје, која ја споделува и официјален Берлин.
„Разочарани сме лично и јас и министерот за надворешни работи. И канцеларката Ангела Меркел која многу се ангажираше на оваа тема. Не успеавме да го оствариме успехот на кој се надевавме. Чувствувам силна поддршка од другите земји- членки и бидете сигурни дека германската влада ќе остане на своето ветување кон Западниот Балкан“, порача Рот, додавајќи дека не само Германија, туку и Европската комисија ги ценат договорите со соседите и внатрешни реформи кои ги извршила владата во Скопје. 

-повеќе на темата: Ако нема почеток на преговори - да има оставки, бара опозицијата

Утрово, пред почетокот на состанокот, Рот изјави дека блокадата на Северна Македонија е „тешка политичка грешка со цена по стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан“, која „ја загрозува и безбедноста на Европа." 

На бугарската блокада вечерва реагираше и пратеничката група на Социјалистите и Демократите во Европскиот парламент. Неколку пратеници од оваа групација го оценуваат ветото на Софија како „срамно“.
„Бугарскиот премиер Бојко Борисов мора да ја сопре срамната блокада на процесот на проширување само за да си ја спаси коалицијата со радикалните националисти. Преговорите со Северна Македонија треба да започнат пред крајот на годинава“, порачуваат европарламентарците.