Русите и Американците се прегрнаа на ИСС
19 март 2022Летот на руските космонаути беше успешен. Олег Артемијев, Денис Матвејев и Сергеј Корсаков пристигнаа на вселенската станица ИСС со својот вселенски брод од типот Сојуз МС-21. Непосредно потоа беа пречекани со славје, прегратки, ракување, високо подигнати палци и фотографии за сеќавање од своите колеги на ИСС - Русите Антон Шкаплеров и Пјотр Добров, Американците Марк Ванде Хеи, Томас Маршбарн, Раџа Чари и Кајла Барон, како и Германецот Матијас Маурер.
Германскиот астронаут покани на роденденски ручек
Маурер, кој вчера (18.03) го прослави својот 52-ри роденден, уште претходно имаше најавено дека по пристигнувањето на Русите сака да ги покани сите на роденденски ручек: „Се разбира, сакам да го сервирам само најдоброто - јадење од (покраината) Сар“, рече Маурер, кој потекнува од оваа германска покраина. „Мора да се погрижам да има доволно јадење.“
- повеќе: Можно ли е уривање на Меѓународната вселенска станица?
Тројцата руски космонаути на ИСС пристигнаа по три часа лет од станицата Бајконур во Казахстан. Соработката помеѓу САД и Русија во вселенските истражувања е оптоварена многу поради руската инвазија на Украина, иако и двете страни нагласуваат дека ИСС засега останува да работи. Руски РОСКОСМОС не дава одговор околу иднината на ИСС по истекот на актуелниот договор во 2024 година, додека НАСА стреми кон продолжување на работата до 2030 година.