Русија во Сирија: целта постигната, крајот неизвесен
24 септември 2016Тонот меѓу Москва и Вашингтон повторно се заостри по нападот врз хуманитарниот конвој во близина на Алепо. Се стекнува впечаток како Русите да живеат во „паралелен свет“, изјави американскиот министер за надворешни работи Џон Кери по седницата на Советот за безбедност на ОН во средата во Њујорк (21.09.2016) и по разговорите со својот руски колега по функција, Сергеј Лавров. Лавров предупреди на опасноста од пребрзано префрлање на вината, вперувајќи од својастрана со прстот кон САД.
Првиот хуманитарен конвој кој по подолго време стигна речиси до Алепо, беше уништен, а загинаа 20 луѓе, за што САД ја обвинија Русија. Бунтовниците го поддржуваат ставот на САД. Група руски активисти, кои се нарекуваат Конфликт интелиџенс тим и ги истражуваат сите достапни извори на интернет, сметаат исто така дека Москва сноси дел од вината за нападот. „Конвојот на ОН беше уништен близу Алепо со напади на Асадовиот режим и руската авијација“, се вели во нивна анализа.
Примирјето уништено со тенковски оган
За Алексеј Малашенко нападот на конвојот е загатка. „Се‘ зборува во прилог на тоа дека нападот го извела во најмала рака сириската војска“, вели експертот за Блиски Исток од московскиот центар Карнеги. Не е исклучен ни „руски фактор“, но тоа „не може јасно да се докаже“. „Русија никогаш нема да признае. Можете ли да замислите Путин да рече: жалам, погрешимве?“ прашува Малашенко.
А такво нешто неодамна направија САД. Во напад на сојузничките сили, предводени од САД, во источниот дел од Сирија загинаа 60 припадници на сириската војска. Москва и Дамаск протестираа, Важингтон изрази жалење поради нападот. Двата инциденти, случени на временско растојание од неколку дена, го доведоа под прашање примирјето договорено од САД и Русија во Женева, а кое стапи во сила на 12 септември. Сириската влада го прогласи прекинот на огнот за завршен, обвинувајќи ги бунтовниците за неговото окончување. Во тој контекст, Москва повторно го засили военото присуство во регионот со испраќањето на рускиот носач на авиони „Адмирал Кузњецов“ пред сирискиот брег.
Главен мотив - помош на Асад
Деновиве се навршува една година од почетокот на руската воена интервенција во Сирија. Тогаш светот ја реши загатката зошто руски воени транспортни авиони и воени бродови се‘ почесто се упатуваа кон Сирија. Се испостави дека Русија изградила база за својата авијација во западносириската покраина Латакија. На 30 септември 2015. година Русија почна со воздушни напади, образложувајќи ги како борба против теророт. Запад ја обвини Москва за бомбардирање на силите на умерената опозиција.
Од руска перспектива, тоа изгледа вака: Москва го почна својот ангажман во Сирија од две причини: да го поддржи својот сојузник, сирискиот претседател Башар ал-Асад и да ги присили САД на преговори, наведуваат експертите. „На почетокот, одлучувачки фактор беше постоењето на ризикот од пад на режимот на Асад“, вели Фјодор Лукјанов, претседател на Советот за надворешна и одбранбена политика во Моксва, организација блиска на руската влада. Таа цел, опстанокот на режимот на Асад, денес е постигната и тоа за Москва е најважно, наведува Алексеј Малашенко. Русија покажа во Сирија дека не е само „регионална сила“, како што еднаш ја нарече американскиот претседател Барак Обама. Така, САД мораа да направат поголеми отстапки отколку Русија, потенцира Малашенко.
И експертите од Запад потврдуваат дека Русија ја зајакна својата позиција на Блискиот Исток. „Без Москва или без нејзино одобрение сега едвај може да се дојде до решение“, смета Маргарете Клајн од Фондацијата Наука и политика од Берлин.
Путин без план
Сепак, трајно решение на конфликтот во Сирија не е на повидок, сметаат експертите. На владата во Москва не и‘ успеа да им ја предаде контролата во рацете на самите Сиријци и „елегантно да се повлече“, вели Лукјанов. Малашенко е песимист: „Основниот заклучок гласи дека конфликтот продолжува.“ И Москва и Вашингтон нерадо се впуштија во потрага по трајно и одржливо решение. Прокламираната борба против тероризмот е само лажен изговор за одмерување на силите во Сирија.
Што се однесува на Русија, претседателот Путин нема конкретен план за крај на воената мисија во Сирија. „Путин има јака тактичка позиција, но ни тој не знае како ќе заврши играта“, вели стручњакот Малашенко. Затоа, Русија ќе остане присутна во Сирија се‘ додека нејзиниот штитеник Асад е на власт. Се‘ друго за Москва би претставувало неприфатливо губење на угледот.