Русија дава сигнали за смирување
8 јуни 2014Раководството во Киев мора да запре сосема со ангажманот на армијата во источниот дел на Украина, оцени денеска (08.06.) шефот на рускиот Совет за безбедност Николај Патрушев за руската телевизија Росија 24. Тој го обвини Киев за „уништување на сопствениот народ“.
Шефицата на рускиот Совет на федерации, Валентина Матвијенко, пак, вчеравечер изјави дека Украина мора да го направи првиот чекор и да стави крај на воената акција со тенкови и артилерија, за да се овозможи дијалог во регионите Доњецк и Луганск. Матвијенко за руската државна телевизија рече: „Нема воено решение на конфликтот на југоистокот на Украина и нема да има такво решение“. Таа тврди: „Штом Киев ќе даде наредба за запирање на огнот и ставање крај на казнената акција против мирните граѓани на југоистокот, Русија е подготвена да стори се‘ за и другата страна да го положи оружјето и да седне на преговарачка маса“.
Украинскиот претседател Петро Порошенко вчера најави мировен план за кризните региони Доњецк и Луганск. Милитантни проруски сепаратисти во регионот Доњецк, пак, тврдат дека и натаму се наоѓаат под тежок оган од страна на украинските сили во Славјанск. „Тоа ги покажува агресивните намери на Петро Порошенко кон нас“, изјави Мирослав Руденко, еден од лидерите на бунтовниците.
Пооршенко во својот инаугуративен говор вчера нагласи дека „е дојдено време за создавање нова и модерна Украина“, додавајќи дека никој нема право да ја попречува земјата на патот кон ЕУ.