Русија станува платежно неспособна?
27 јуни 2022Во текот на изминатата ноќ (26/27.06) истече рокот што Русија го имаше за плаќање на две камати - од 71,25 милиони долари (67,32 милиони евра) и 26,5 милиони евра - на странски кредитори. Агенцијата Блумберг објави дека Русија, првпат по еден век, станала платежно неспособна за долгот кој го има во странска валута. Сепак, ќе биде потребно време да се потврди неисполнувањето на договорните обврски од страна на Русија.
„Иако секогаш има можност да се случи чудо“ и Русија да добие пари преку финансиските институции од обврзниците и покрај санкциите, „никој не игра на таа карта“, вели Џеј С. Ауслендер, експерт и адвокат за државни долгови од Њујорк. „Поголема е веројатноста дека тоа нема да се случи бидејќи ниту една банка нема да ги префрли парите.“
Минатиот месец, американското Министерство за финансии ја укина можноста Русија да го плати долгот од милијарди долари на меѓународните инвеститори преку американските банки. Како одговор на тоа, руското Министерство за финансии соопшти дека ќе го плати во рубљи долгот деноминиран во долари, и понуди „можност за дополнителна конверзија во оригиналната валута.“
Русија тврди дека нејзиното неисполнување на финансиските обврски е вештачки креирано, бидејќи девизните резерви со кои може да си го плати долгот им се замрзнати во странство поради санкциите и затоа не им се достапни.
„Имаме и пари и подготвеност да платиме“, изјави минатиот месец рускиот министер за финансии Антон Силуанов. „Ситуацијава, создадена вештачки од непријателска земја, нема да има никакво влијание врз животот на Русите.“
Тим Еш, експерт и аналитичар во „БлуБеј Асет Менаџмент“, на Твитер напиша дека неисполнувањето на должничките обврски „јасно не е“ под руска контрола и дека санкциите ги спречуваат да си ги платат обврските поради тоа што ја нападнаа Украина.
Факти околу рускиот надворешен долг:
Колку должи Русија?
Околу 40 милијарди во странски обврзници, од кои половина е надворешен долг. Пред почетокот на војната, Русија имаше околу 640 милијарди долари резерви во девизи и злато, од кои повеќето во странски банки и сега се замрзнати. Русија немала проблем со исплата на надворешен долг по Болшевичката револуција од пред еден век, кога беше создаден Советскиот Сојуз. Русија имаше проблем со подмирување на домашниот долг во 1990-те, но успеа да се опорави од ситуацијата со меѓународна помош.
Инвеститорите очекуваат дека Русија со месеци нема да може да ги исполнува своите платежни обврски. Според осигурителните договори со кои се покрива рускиот долг, претпоставките се дека платежната неспособност на Русија ќе трае барем со недели, додека рејтинг агенциите како „Стандард и Пурс“ и Мудис го ставија надворешниот долг на земјата длабоко на територија на „отпад“.
Како се знае дека некој е платежно неспособен?
Рејтинг агенциите може да го намалат рејтингот во платежно неспособност, или пак одлука за тоа може да донесе суд. Доверителите кои имаат ЦДС (Credit Default Swaps), односно кредитни деривати кои делуваат како еден вид осигурителни полиси во случај на платежна неспособност, може да побараат од комитетот на претставниците на финансиските фирми да одлучи дали поради неспособноста за исплата на долгот треба да биде активирана присилна наплата, што сѐ уште не е и формално прогласување на платежна неспособност.
Комитетот за утврдување на неисполнување на кредитни обврски - индустриска група на банки и инвестициски фондови - на 7 јуни донесе одлука дека Русија не успеала да ја плати потребната дополнителна камата по уплатата на обврзницата по рокот на 4 април. Но, Комитетот го одложи преземањето понатамошни активности поради неизвесноста околу тоа како санкциите би можеле да влијаат на какво било порамнување.
- повеќе: Слабостите на силната рубља
Што може да направат инвеститорите?
Формален начин за објавување платежна неспособност е ако 25% или повеќе од доверителите кажат дека не ги добиле своите пари. Кога тоа ќе се случи, правилата велат дека и сите други странски обврзници на Русија се во неплаќање и доверителите би можеле да бараат судска пресуда за да се изврши наплата. Во нормални околности инвеститорите и владата која е платежно неспособна преговараат за спогодбено решение во кое на доверителите им се дават нови обврзници, кои вредат помалку, но кои даваат барем делумна компензација.
Но, санкциите забрануваат зделки со руското Министерство за финансии. Никој не знае кога војната ќе заврши или колку на крај ќе вредат руските обврзници. Во ваков случај, декларирањето платежна неспособност и тужењето „можеби и не е најмудрата одлука”, вели Ауслендер. Не е возможно да се преговара со Русија и има толку многу непознати фактори, што кредиторите може да решат засега да не преземаат ништо.
Инвеститори кои сакале да излезат од рускиот долг веројатно веќе нашле „егзит“ стратегии, оставајќи ги оние кои можеби презеле обврзници по ниска цена во надеж дека ќе профитираат од некаква спогодба на долг рок. Тие веројатно некое време ќе сакаат да останат во сенка за да не бидат поврзувани со војната.
Кога земја станува платежно неспособна, таа може да биде отсечена од пазарот на обврзници додека долгот не се реши и додека инвеститорите не ја повратат довербата во платежната способност на владата и нејзината подготвеност да плаќа. Но, Русија веќе е отсечена од западните пазари на капитал, па какво било враќање на позајмици секако е во некоја подалечна иднина.
Кремљ и натаму може да позајмува рубљи дома, каде најмногу се потпира на руските банки како купувачи на обврзниците.
- повеќе: Рускиот државен фонд брзо се зголемува: Ќе се оствари ли сметката на Путин?
Какво би било влијанието на руската платежна неспособност?
Западните санкции, воведени поради војната, предизвикаа странските компании да ја напуштаат Русија и доведоа до прекин на трговските и финансиските врски на земјата со остатокот од светот. Платежната неспособност би била само уште еден симптом на таквата изолација и прекин.
Инвестициски аналитичари внимателно забележуваат дека неплаќањето на рускиот долг нема да го има истото влијание на глобалните финансиски пазари како што беше случај во 1998 година. Тогаш рускиот домашен долг ја натера владата на САД да преземе мерки и да ги натера банките да го спасат Long-Term Capital Management, голем американски хеџ-фонд, чие колабирање, како што се стравуваше, можеше да го потресе севкупниот банкарски и финансиски систем. Сопствениците на обврзници, на пример фондови кои инвестираат во земји во развој, можеа да претрпат сериозна штета. Русија, како и да е, играше мала улога во индексите кај пазарите во развој, со што се ограничуваат и загубите за инвеститорите во фондовите.
Додека самата војна има разорни последици во смисла на човечки страдања и зголемување на цените на храната и енергенсите во светот, неизвршувањето на обврските од владините обврзници „дефинитивно нема да биде системски релевантно”, смета директорката на ММФ, Кристалина Георгиева.