Руска војска во Белорусија?
4 јули 2015Руското министерство за одбрана во последно време повеќе пати истакна дека Белорусија е „истурена тврдина“. По информациите дека САД, односно НАТО, префрлаат тешко вооружување кон Источна Европа и на Балтикот, рускиот генерал Јуриј Јабуков соопшти оти „ќе настапат важни промени во руските трупи во Белорусија“. Во некои руски медиуми дури стана збор и за руски ракети кои наводно се наоѓаат на територијата на соседната држава.
„Во Белорусија нема ни руски трупи, ни делови од руски ракети“, тврди во разговорот за ДВ рускиот воен експерт Александер Голц. Меѓутоа, таму има повеќе воени објекти важни за владата во Москва. Така, Русија во местото Ганцавичи има систем за рано предупредување од ракетни напади од типот Волга. Во Вилејки се наоѓа централа од која се командува со руските подморници. На аеродромот во Баранавичи од 2013. се стационирани руски воени авиони, а на аеродромот во Бабрујск е планирана дури и испостава на руски воздухопловни воени бази.
Последиците за Минск
Андреј Поротников, шеф на истражувачкиот проект Belarus Security Blog, исто така нагласува оти во Белорусија не се стационирани руски трупи кои би биле во состојба да изведат некаков напад. „Во руските објекти во Вилејка и Баранавичи работат околу 1.000 војници. Тоа се техничари, техничари за врски и стражари. Воениот аеродром во Баранавичи е под контрола на белоруската армија.“
Поротников смета дека последните изјави за засилување на руската армија во Белорусија укажуваат на „синдром на имеријалистичко размислување“. Тоа е индикатор на она за што се расправа во рускиот државен врв. Иако воената реторика доаѓа обично од устата на оние Руси кои не носат одлуки, Поротников предупредува: „Белорусија може да биде во загуба само ако некој во Русија западне во воено расположение. Владата во Минск ќе биде вовлечена во конфронтација со Запад. Нема да има веќе обиди да се нормализираат работите со Запад. Нема да има повеќе кредити од ММФ, а санкциите од Запад нема да и’ бидат повлечени на Белорусија.“
Поротников верува оти во случај на заострување на конфликтот меѓу Русија и Запад на масата на претседателот Александар Лукашенко ќе се најде предлог од Кремљ во Белорусија да се стационираат руски ракети и тенковски бригади.
Жонглирањето на Лукашенко
Воениот експерт од белорускиот портал belrynok.by Александер Алесин е уверен оти Минск нема да го издржи притисокот од Москва доколку таа навистина побара да го засили своето воено присуство во соседната земја. Тој смета дека Москва ќе се повика на „Договорот за унија на Русија и Белорусија“ од 1999. година. Договорот предвидува воспоставување заеднички „одбранбен простор“ и заедничка армија. Стационирање на руски трупи на белоруска територија,с поред овој договор, мораат да одобрат врховните команданти на армиите, значи Лукашенко и Путин.
Александер Голц сепак не верува дека Лукашенко би се согласил на стационирање руски трупи. Тој досега вешто жонглира меѓу Русија и Запад. Претседателот на Белорусија одлично се снаоѓа во дипломатски надмудрувања и го користи рускиот комплекс создаден поради уривањето на некогашната империја, тврди Голц.
Со тоа се согласува и Алесин. Сепак, тој нагласува дека секое зострување на ситуацијата на границите на Белорусија го намалува просторот за делување на Лукашенко. Тој смета оти се контрапродуктивни и руските и западните најави за засилување на трупите. Конфликтот меѓу Западот и Русија така би можел да добие сопствена динамика и да има неповратни последици.