Руската афера на Трамп драматично се заостри
31 октомври 2017Поранешниот шеф на изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп, Пол Манафорт, и неговиот соработник Рик Гејтс се изјаснија дека не се виновни по обвинението за заговор против САД, и останатите обвинувања за кои се товарат.
Пол Манафорт и неговиот соработник Рик Гејтс, во рамки на истрагата за наводните врски меѓу претседателот Доналд Трамп и Русија, се обвинети по 12 точки, меѓу кои се заговор против САД, перење пари и давање лажни изјави и повеќе наводи за недавање податоци за сметки во странски банки.
Обинението против Манафорт и Гејтс е прво во рамки на истрагата која ја води поранешниот директор на ФБИ Роберт Милерза наводите за руското мешање во претседателските избори 2016 година.
Манафорт и Гејтс вчера се појавија пред сојузниот судија во Вашингтон, каде се изјаснија дека не се виновни. Во одделно обвинување поранешниот советник во изборниот штаб на Трамп, Џорџ Пападополус, призна оти го лажел ФБИ околу своите контакти со Русите.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс изјави дека претседателот Трамп не планира никакви промени со специјалниот судија Роберт Милер кој ја води истрагата за можните врски меѓу изборниот штаб на Трамп и Русија. Сандерс рече оти Белата куќа очекува истрагата околу руското мешање во американските избори 2016 наскоро да биде завршена.
Манафорт и Гејтс можат да добијат десетици години затвор и милионски парични казни доколку бидат осудени по сите точки на сојузното обвинение.
Манафорт би можел да добие до 80 години затвор, процени агенцијата Асошиетед Прес по проучување на обвинението против него, а Гејтс кој, исто така, работеше за изборниот штаб на Трамп, до 70 години затвор. Обвинителите наведуваат дека Манафорт и Гејтс работеле како нерегистрирани застапници на украинската влада и на Партијата на регионите - проруска политичка партија која ја водеше тогашниот украински претседател Виктор Јанукович. Додека беше претседател на Украина од 2010 до 2014 година, Јанукович беше тесно поврзан со рускиот претседател Владимир Путин.
Манафорт и Гејтс се обвинети дека повлекле десетици милиони долари од исплатите низ странски компании и банковни сметки. Во обвинувањето се наведува оти парите ги префрлале преку тајни банкарски сметки на Кипар, Сент Винсет и Гренадин и Сејшели. Во обвинувањето не се споменува Трамп, туку тоа се однесува на поранешнета работа на Манафорт со официјални претставници поврзани со Москва. Манафорт беше сменет од челната функција во изборниот штаб на Трамп во август минатата година, кога се појавија наводи дека организирал лобистичка операција за проруските сили во Украина.