Руско вето над перспективите на Македонија?
3 октомври 2018Не беше доволен гордивиот јазол што се создаде по референдумот, а на повидок се и нови сигнали дека надворешната и внатрешна опструкција на перспективата на Македонија, ќе продолжи со уште позасилено темпо. Грчкиот весник „Катимерини“ во анализа на соопштението на руското МНР издадено по рефрендумот, предупредува и на опасноста дека „Москва остава отворена можност да стави вето на Преспанскиот договор во ОН“.
Весникот се осврнува на ставовите на руското МНР во однос на резултатите и цензусот на референдумот, но посебно на она што би можело да се прочита како отворена најава за следните чекори на Москва.
Последниот остаток од режимот
Во соопштението на руското МНР, покрај констатацијата дека „две третини од населението во Македонија не го поддржало Преспанскиот договор“, уште еднаш се потврдува официјалната позиција на Москва.
„Нашата принципиелна позиција останува непроменлива: долгорочно решение може да биде најдено од самите две страни, без надворешни мешања, исклучиво во рамките на правото и со широка општествена поддршка. Преспанскиот договор не ги исполнува овие критериуми. Договорот му противречи на меѓународното право и на македонскиот устав, како што недвосмислено потенцираше претседателот на Република Македонија г. Иванов, во неговото обраќање пред Генералното собрание на ООН. Русија како постојана членка на Советот за безбедност на ОН внимателно го следи развојот на ситуацијата. Поаѓаме од тоа, дека согласно став 3 од Резолуцијата 845 на Советот за безбедност на ОН, резултатите од преговорите меѓу Скопје и Атина ќе бидат разгледани во Советот за безбедност на ОН“, соопшти руското МНР.
Токму во последната реченица, грчкиот весник ја лоцира „отворената можност за руско вето“.
Повеќе:
-ЕУ бара дејствување, Русија набљудува
-Македонија - фактор на масата или мезе за други?
-Фијаско на политиката на Западот во Македонија
Фактот дека Москва се повикува на говорот на Иванов во ОН, не е изненадувачки за домашните аналитичари, имајќи го предвид неговите изјави и минат труд кои секогаш кореспондираа со позицијата на Истокот, а речиси никогаш со онаа на западните демократии, кон чии вредности Македонија се стреми. Владеајчката СДСМ деновиве излезе со став дека „единствената политичка мисија на Ѓорѓе Иванов е загрозување на иднината, да прави штета врз врвните национални и државни интересии, бранејќи го по секоја цена криминалот на ВМРО-ДПМНЕ“.
Од СДСМ тој е оценет како „последниот остаток од режимот на ВМРО-ДПМНЕ“
„Иванов воопшто не се грижи за иднината на државата и нејзините граѓани, тој цврсто стои на страната на темното минато на изолација, уназадување и неизвесност. Но, колку и да се труди, Македонија, граѓаните нема да му дозволат да ја закочи македонската иднина“, соопштија социјалдемократите.
Од каде се стенограмите?
Но, тој не е сам во ваквото дејствување. Тука е и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која и покрај декларативните „неутрални“ ставови кон рефрендумот, во практика ја поддржа политиката на бојкот. Но, дали тоа се? Во време кога се очекува опозицијата да покаже одговорност за иднината на земјата и да поддржи уставни измени, одредени сигнали фрлааат сомнеж дека се уриваат сите мостови кон таквата можност. Еден од тие сомнежи се подгреа откако под наслов „Доверливите стенограми од лидерите на ПЈРМ“, грчкиот весник „Катимерини“ вчера објави дијалози од лидерските средби во Македонија одржани на 27 јануари и на 19 мај годинава, пред потпишувањето на договорот со Грција. Во неколку текстови посветени на двете лидерски средби, весникот ги пренесе ставовите на Иванов, Заев, Димитров, Мицкоски, Османи и Џафери.
Како се најдоа овие стенограми во грчки весник?
„Веројатно, по истиот канал, по кој информации од разговори во Атина пред финиширањето на Договорот, се најдоа на фејсбук-профили на некои македонски опозициски пратеници“, велат медиумски извори од Грција, додавајќи оти станало видливо „дека има одредено ниво на подземна соработка меѓу претставници на опозициите во двете земји“.
Досега никој не се осврна ниту за автентичноста на стенограмите, на фактот дека лидерските разговори се класифицирани како „државна тајна“, ниту на прашањето како се нашле во грчки медум.
„Според тоа што успеав да го видам, се работи за истите стенограми од лидерската средба кои Антонио Милошоски сакаше да ги објави на собраниска Комисија, односно јавно почна да чита дел од нив, а кои се државна тајна. Ние веќе имаме поднесено кривична пријава против Антонио Милошоски“, потсетува пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири.
СДСМ кон крајот на јули поднесе кривична пријава против Милошоски за оддавање државна тајна.
„Со тоа што изнесе детали од извештај од лидерска средба, кој го добил од Кабинетот на претседателот, а кој е класифициран како државна тајна, Милошоски директно го прекрши членот 317 од Кривичниот законик“, изјави тогаш Зекири, потенцирајќи дека Милошоски бил предупреден и од претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека станува збор за државна тајна, која не смее да биде јавно споделена. Како што беше објаснето, Милошоски немал право да го бара тој извештај, а и Кабинетот на претседателот не смее да го даде извештајот на пратеник што нема безбедносен сертификат. Притоа, Зекири напомена дека од осамостојувањето на Македонија не се случило такво неодговорно однесување и флагрантно кршење на законите од страна на избрани функционери, посебно од страна на претседател на држава и претставник на политичка партија.
Известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Иво Вајгл, вчера даде оценка дека опозициската ВМРО ДПМНЕ не го помина тестот на зрелоста на референдумот за Договорот со Грција. Тој оцени дека зад однесувањето на оваа партија и на претседателот Ѓорѓе Иванов, всушност се крие обид да се заштитат оние кои го прекршиле законот. Притоа порача дека втора важна порака од овој процес е дека ЕУ, НАТО и меѓународната заедница треба да и посветат поголемо внимание на Македонија.