До недела топлотен бран во С. Македонија
28 јули 2021Северна Македонија во наредните четири дена ќе биде зафатена од топлотен бран со температури над 40-от степен. Од денеска до недела времето ќе биде многу топло со натпросечни температури за овој период од годината и ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури кои ќе достигнат до 42 степени. Мало заладување од неколку степени се очекува во текот на идната недела, во северните делови на земјата, но на југот температурите и понатаму ќе останат многу високи, велат за ДВ од Управата за хидрометеоролошки работи. Според синоптичарите, не се очекуваат врнежи од дожд во наредниот период, што е најава за многу топол период којшто претстои на почетокот на август.
Помалку колапси, повеќе сообраќајни несреќи
Високите температури секогаш ги вжештуваат телефоните на Итната медицинска помош. Граѓаните бараат лекарска помош, но и совети како да се справат со честите вируси, инфекции, стомачни проблеми карактеристични за летниот период. Раководителката на Итната медицинска помош, д-р. Милица Бубало за ДВ вели дека во текот на вчерашнот ден нема многу пријави за колапси, што покажува дека граѓаните ги почитуваат здравствените препораки кои се на сила за време на топлотниот бран. Но, топлото време ги прави возачите многу понервозни, па во Итната медицинска помош укажуваат дека е зголемен бројот на сообраќајни несреќи деновиве. Лекарите преорачуваат да не се излегува надвор доколку нема некоја итна потреба, а за здравствените совети околу проблемите со пролив и повраќање, како последица на труење од храна или вирусот, да се обратат до матичните лекари или до повикувачкиот центар на „Ало докторе".
Препораки
Поради високите температури, на сила се препораките на Министерството за здравство за намалување на ризиците од високите температури за лицата кои се наоѓаат на отворен простор, дома, на своите работни места, покрај езерата, реките и базените или на планините.
Па така, се ослободуваат од работните обврски најранливите групи на населението, како што се бремените жени или лицата на возраст над 60 години. Во градинките не треба да се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници.
-повеќе на темата: С. Македонија во портокалова фаза – на сила се препораки за топлотниот бран
„Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област“, се вели во препораките.
Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време за заштита од директна сончева изложеност на работниците, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Оваа мерка ќе трае 4 дена, до понатамошно одлучување. „Владата и надлежните органи будно ја следат состојбата и доколку има потреба ќе бидат преземени мерки согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз населението. Владата зазема став сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници“, се вели во соопштението.
Мерки за заштита
Здравствените работници советуваат во текот на екстремно топли денови, да се остане повеќе во затворени простории (пред сé климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
„Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крем со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци“, советуваат лекарите.
-повеќе на темата: Не се дише во повеќе македонски градови, прашина од Сахара енормно го загади воздухот
При влегување во возило, потребно е истото тоа одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања се препорачува и задолжително миење на свежиот зеленчук и овошје пред нивната употреба. Потоа, термичка подготовка на храната и нејзино конзумирање во многу кус рок по подготовката. Покрај ова, треба да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.