САД го зајакнуваат военото присуство на границата со Мексико
4 февруари 2019Со претстојното распоредување, според информации од американското Министерството за одбрана, вкупниот број на војници во ангажман на границата со Мексико ќе се искачи на околу 4.350. Војниците треба да ги поддржат царинските и граничарите, меѓу другото, и со тоа што ќе постават бодликава жица во должина од околу 240 километри.
Таа има за цел да спречи мигрантите нелегално да влегуваат во САД. Како што натаму најави Пентагон, единиците треба да инсталираат опрема за мобилен надзор и да управуваат со неа до крајот на септември.
Повеќе:
-Матис: Нема да се пука во мигрантите
-САД сакаат да испратат војници на границата со Мексико
Вршителот на должност министер за одбрана на САД, Патрик Шенехан, уште минатата недела во груби црти ја скицираше мисијата. Конгресмените на сослушувањето прашаа дали ангажманот на границата со Мексико ќе ги одврати војниците од нивните основни задачи - борбата против екстремистите во странство и обуката за воени дејствија. Вицеадмиралот Мајк Гилдај одговори дека не верува оти воената подготвеност на армијата била значително засегната.
Американскиот претседател Доналд Трамп испрати војници на границата пред изборите во Конгресот во минатиот ноември. Тој со тоа реагираше на бегалските маршеви на илјадници луѓе од Централна Америка, кои избегаа од насилството и од сиромаштијата во нивните матични земји, кон САД. Критичарите на Трамп го оценија распоредувањето на војниците како предизборен маневар и расфрлање на парите на даночните обврзници.