1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и Германија заеднички ќе бараат решение за „Опел“

Дојче Веле/К.Д.18 март 2009

Германскиот министер за економија Карл-Теодор Цу Гутенберг и американските власти постигнаа согласност за соработка за спас на автомобилскиот производител „Опел“ и неговата мајка концерн „Џенерал Моторс“.

https://p.dw.com/p/HEZ5
Логото на „Опел“Фотографија: AP

Германскиот министер за економија реагираше задоволно од разговорите со американските власти кои според него резултирале подобро од очекуваното. Карл-Теодор Цу Гутенберг, по средбата со американскиот министер за финансии, Тимоти Гејтнер изјави дека двете влади се договориле да преземат заеднички чекори. Кога станува збор за спас на „ЏМ“ и „Опел“ меѓу двете влади нема повеќе да постојат какви било блокади и изигрувања. Гутенберг изјави дека на разговорите добил јасна порака дека „ЏМ“ е подготвен да дозволи малцинско учество во сопственоста. Тоа било потврдено и од останатите кои се инволвирани.

Заеднички концепт

Двајцата министри се договориле да биде подготвен заеднички концепт кој ќе обезбеди заштита за парите од домашните конјуктурни програми да не се одлеат во други земји. Гутенберг уште еднаш нагласи дека евентуалните финансиски мерки за поддршка за „Опел“ не смеат да завршат на сметката на „Џенерал Моторс“. Според него, во иднина разговорите ќе се водат во работна група на врвно ниво. Патем тој соопшти дека ќе биде сторено се` што е можно да се обезбедат работните места во „Опел“. Гутенберг уште еднаш повтори дека германската влада неможе да даде какви било ветувања без да биде сигурна дека парите кои би биле одвоени од данокот ќе завршат онаму каде што треба. Сепак тој порача дека разврската на проблемот и натаму зависи од концептот за санација што „Џенерал моторс“ најпрвин треба да му го поднесе на американскиот претседател Барак Обама. Како што се претпоставува, тоа треба да се направи до крајот на март.

Guttenberg bei GM-Spitze
Министерот Гутенберг(лево) на разговори со раководството на „ЏМ“Фотографија: AP

Критики во Германија

Инаку критичарите во Германија велат дека министерот за економија во САД не добил конкретни ветувања, ниту од американските власти, ниту од „Џенерал Моторс“. Претседателот на фракцијата на СПД во Бундестагот, Петер Штрук, смета дека престојот на Гутенберг во САД не донел голем успех. Претседателот на синдикатот „ИГ Метал“, Бертолд Хуберт пак оцени дека досега објавените детали за разговорите кои ги водел Гутенберг донеле малку новини.