1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот меѓу Москва и Вашингтон

Игор Ласиќ
7 август 2017

За време на последната посета на регионот, американскиот потпретседател Мајк Пенс посегна по реторика од Студената војна. Како односите Москва-Вашингтон се прекршуваат врз државите од Западниот Балкан?

https://p.dw.com/p/2hn6k
Deutschland Trump trifft Putin
Фотографија: picture alliance/dpa/AP/E. Vucci

Најголемите светски сили и натаму наоѓаат простор за конфронтација на Западниот Балкан, судејќи според изјавите кои ги даде американскиот претседател Мајк Пенс во Црна Гора минатата недела. Се разбира, станува збор за традиционално најчуствителната релација САД-Русија, но прашање е како односите меѓу овие две земји реално се прекршуваат врз младите држави настанати од СФР Југославија пред четвртина век. „Русија продолжува на сила да исцртува нови граници на Западниот Балкан и прави сѐ за да го дестабилизира регионот, да ја поткопа демократијата, меѓусебно да ве подели и да ве раздвои од Европа“, рече Пен во Подгорица.

Занимливо притоа е тоа што при последното исцртување на нови граници во регионот - оние за независноста на Косово - се спротивставија токму Русите. Но, настрана тој случај, Пенс со изјавата очигледно целеше на политичкото влијание кое Русија го остварува врз Србија, и кое барем сака да го остварува и во Црна Гора. Прашање меѓутоа е колку во сето ова има вишок реторика, со оглед на пригодата. Имено, Американецот говореше на собирот на западнобалканските членки на НАТО, на кој присуствуваа и државните раководства на останатите земји од регионот. Освен тоа, изјавата беше дадена непосредно по воведувањето на најновите санкции против Русија од страна на американскиот Конгрес на крајот на јули. 

Montenegro Podgorica US Vizepräsident Mike Pence
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Prelevic

САД први повлекуваат потези, Русија одговара

Исто така, останува дилемата за реалната оценка на улогата и однесувањето на Русија на Балканот, и од друга страна, за позицијата на САД во овој дел на Европа.  Разговаравме за тоа со двајца угледни политички аналитичари кои подолго време ги разгледуваат меѓународните состојби во контекст на нивниот регионален одек. Томислав Јакиќ, коментатор од Хрватска со големо искуство, во прв ред смета дека регионот очигледно се претвора во уште едно од подрачјата на конфронтирање на САД и Русија. Со напомена дека сѐ оди во прилог на заклучокот дека Русија секогаш реагира, додека САД ги повлекуваат првите потези. „Сетете се само како и зошто Путин се откажа од проектот Јужен тек, кој и на земјите од регионот требше да им овозможи непречено снабдување со енергија. Додадете го на тоа очигледниот американски притисок врз ЕУ, конкретно врз Германија, да се откаже од проектот Северен тек 2, кој дополнително би ги осигурал потребите за енергенси во поголем дел од западна Европа, и ќе ви стане јасно дека Русија главно одговара“, анализира Јакиќ, додавајќи дека не треба да се наседнува на приказните за традиционални пријателства или за вековни непријатели, бидејќи големите сили водат политика која ја диктираат само нивните сопствени интереси- како САД, така и Русија.

Kroatien, ehemaliger Journalist Tomislav Jakić
Томислав ЈакиќФотографија: privat

„Во прашање е само начинот и степенот на агресивност“, смета тој, додавајќи: „Малите земји треба примарно да ги задоволат своите интереси, и да сторат сѐ за да не станат предмет на конфронтирање на големите. Но, токму Хрватска, според Томислав Јакиќ, со беспоговорното позиционирање до Вашингтон создаде идеални услови кога-тогаш да дојде под удар на руските противмерки. „И уште нешто: Трамп никако не успева да постигне единство во рамките на својата администрација, па така југоисточна Европа сѐ поизразено станува подрачје не само на американско-руско конфронтирање, туку и на американско-американско, околу надворешната политика на САД“, вели Јакиќ.

Подобро свет на процедури, отколку на популизам

Политикологот од Босна и Херцеговина, Нерзук Ќурак, пак, смета дека за сите држави од Западниот Балкан би било најдобро да негуваат добри односи со двете споменати велесили. „Но, во реалноста на меѓународните релации, за жал, тоа очигледно не е возможно. Доказ е Србија, која само се залажува дека може да одржува политика на еквидистанца, и оти така би го заштитила својот интерес. Но морам да кажам дека во конктекстот на вредностите на либералната демократија, сметам дека за овдешните земји подобра е припадноста кон светот на процедури отколку на популизмот каков што негуваат Русија или на пример Турција. Дотолку повеќе трансатлантската заедница ни е попаметна регионална опција“, уверен е Ќурак.

Nerzuk Curak Universitätsprofessor Publizist und ehemaliger Journalist in Sarajevo
Нерзук ЌуракФотографија: Ljiljana Pirolic

„Тоа се однесува и на периодот на досега најлошата американска администрација, оваа на Трамп, најлоша веројатно во секоја смисла. Но, да не заборавиме дека САД се клучен актер во Дејтонскиот мировен договор и оти сѐ уште имаат голема одговорност за мирот во БиХ и во регионот, иако потоа во развојот не се придвиживме многу подалеку од самиот мир“, вели аналитичарот од Сараево, проценувајќи дека земјите од регионот треба да му стават крај на таканареченото проклетство на неприпаѓање. „Патот кон Запад никако не би смеел да заврши со Црна Гора, бидејќи регионот така ќе остане поле за поткусурување во интерес на некои од веќе споменатите политики“, заклучува Нерзук Ќурак.