САД и Русија: повторно „студено“
8 октомври 2016Кога претседателот Барак Обама за три месеци ќе си замине од функцијата, можеби ќе му стане јасно кои беа неговите најголеми неуспеси, неговите најголеми грешки во надворешната политика. Половичните, неплански напади во Либија и хаосот кој се случи по нив? Одбивањето да го казни преминувањето на „црвените линии“ во Сирија и пропаѓањето на земјата во пеколот на масовните убиства и теророт? Или можеби тоа беше неспособноста да се вратат односите со Русија на добар пат? На крајот на краиштата, веднаш по стапувањето на функцијата Обама мелодраматично најави „нов почеток“ во американско-руските односи. Во тоа беше прикриена и критика кон неговиот претходник Џорџ Буш, но сепак: Обама не сакаше неоимперијалистички да го предизвика рускиот претседател Путин, туку му понуди партнерство.
Денес целосниот неуспех на овој обид се откри во целост. Односите се толку „студени“ како никогаш досега од крајот на Студената војна. Руското раководство, прогонувано од духот на „шарените револуции“ во соседството и протестите во сопствената земја, ја зголеми домашната репресија, гарнирана со антиамериканска реторика, и бараше - со еден исклучок - да предизвика конфронтација со САД наместо соработка. Од руската агресивна политика во Украина следеше воената интервенција во Сирија - Путин го искористи вакумот, кој го остави колебливата и слаба американска политика.
По тврдењето дека бара само глобална еднаквост со САД, Путин му заби прст в очи на Обама. Тоа најдобро се виде на примерот на бомбардирањето на хуманитарниот конвој на ОН во момент кога делуваше дека Москва и Вашингтон се усогласија на прекин на огнот во Алепо. Фарса! Алепо денес повеќе наликува на чеченскиот главен град Грозни, кој руското воено раководство пред повеќе години го срамни со земја.
Путин очигледно одлучи дека, на Обама кого го смета за слабак, нема да му дозволи во преостанатите месеци никаков успех повеќе. Можеби смета дека доколку Доналд Трамп стане претседател, ќе добие духовен брат во Белата Куќ а- силни мажи кои се разбираат. Доколку Хилари Клинтон го наследи Обама, можеби Путин ќе се соочи со поголем отпор, но тој сам по себе не е ни ненадминлив.
Во моментов и во блиска иднина може да се заклучи дека Путин сѐ уште сонува за старите советски времиња. Сѐ додека тој го сонува овој сон и се држи до него, ќе му припаѓа улогата на бељаџија, на кој никој ништо не му може.
Клаус-Дитер Франкенбергер (ФАЦ)