САД-Иран: Зрак на надеж по преговорите во Виена
7 април 2021Тоа е еден вид дипломатски танц: државите потписнички, ЕУ 3, Русија и Кина седат во конференциската сала на Гранд хотел во Виена, а делегациите на Вашингтон и на Техеран се сместени во близина. Во ходниците вчера попладне (06.04) првпат дојде до индиректен контакт меѓу САД и Иран со посредство на ЕУ. Целта беше да се испита како би изгледало враќање кон спогодбата за иранската нуклеарна програма, од која САД се повлекоа пред три години, во текот на мандатот на бившиот претседател Доналд Трамп. А добра вест е дека преговорите треба да продолжат на ниво на експерти. Никој не се откажа, а повеќе од тоа не можеше ни да се очекува во текот на првиот ден.
Воздржани очекувања
По состанокот, шефот на делегацијата на ЕУ, Енрике Мора, зборуваше за конструктивен почеток“:
„Постои договор и амбиции за заеднички дипломатски процес со две групи експерти за спроведување на барањата околу нуклерната програма и укинување на санкциите. Јас како координатор ќе ги интензивирам одвоените контакти во Виена со сите релевантни страни, вклучувајќи ги и САД“.
Овие две работни групи треба да се усогласат околу обврските кои двете страни треба и да ги исполнат.
Повеќе на темата:
Судирот САД-Иран е најновата криза на Западот, НАТО и Европа
Иран и САД можат да го „запалат“ целиот регион
Рускиот амбасадор ги нарече разговорите „плодоносни“. Обновата на спогодбата, како што рече, нема да следи веднаш. „За тоа ќе треба време“, рече Михаил Уљанов, но истакна дека најважно е што „практичната работа започна за постигање на оваа цел.“
Значи, сега се прават мали чекори и продолжување на контактите. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан апелираше до иранската страна во текот на наредните седмици да помогне во утврдување на неопходните мерки за враќање кон целосно придржување кон Нуклеарниот договор постигнат во 2015 година.
Кој прв ќе се придвижи...
Американскиот специјален пратеник Роберт Мали пред состанокот во интервју за американски НРП истакна дека Иран со секој ден сѐ повеќе се оддалечува од своите обврски според договорот: „Тие очигледно ги зголемија своите залихи на облагороден ураниум. Експериментираат со напредни центрифуги и го ограничија пристапот на Меѓународната агенција за атомска енергија.“
Американскиот претседател Џо Бајден по инаугурацијата јасно даде на знаење дека сака враќање кон договоорт ако тоа го направи и Иран. Иранското раководство меѓутоа од тогаш уште повеќе се оддалечува. Истовремено, Мали истакна дека „стратегијата на максимален притисок“ на бившиот претседател Трамп врз Иран пропадна.
Сега станува збор за политичка кореографија. Иран бара САД да направат прв чекор и да ги укинат наметнатите санкции, додека новата администрација во Вашингтон бара решение чекор по чекор. „Најдобар резултат е план кон исполнување на спогодбата“, вели Санам Вакил, експерт за Блиски Исток во лондонскиот тинк-тенк Чатам Хојс.
САД мора да приложат план како детално го замислуваат овој процес. Но, тој механизам, вели Вакил, е многу покомплициран зашто не постојат само санкции поради нуклеарниот проект, туку и против иранските банки, а се поврзани со обвинувања за тероризам. Укинување на санкциите за претседателот Бајден би можело да биде потешко ако за тоа мора да го употреби минималното мнозинство во Конгресот. Прашање е, истакнува Вакил, колку политички капитал сака тој да вложи за заживување на договорот.
Санам Вакил го толкува тврдокорниот став на Техеран во овој момент со приближувањето на претседателските избори во Иран: „Тоа е причина зошто претседателот, врховниот верски водач и министерот за надворешни работи инсистираат прво да се укинат санкциите.“ Иранските водачи сакаат да видат силни и значајни потези од САД за да го оправдаат ублажувањето: чекор наназад од бездната и отстапување од потенцијалните закани.
На пат кон спроведување на постигнатиот договор
„Обете страни мора точно да разберат кои чекори се неопходни за укинување на санкциите, а кои во нуклеарните проекти, за да може спогодбата повторно да се спроведува во целост“, објаснува експертот за Блиски Исток Есвандар Батмангелиџ. Ако на крајот од овие преговори се договори мапа на патот, таа треба да се темели на политичка определеност за моментно исполнување на спогдбата. Тоа, истакнува тој, се однесува и на САД. Меѓутоа, за спроведување мора да се поминат сите поединечни чекори, смета Батмангелиџ, истакнувајќи дека натамошните преговори во текот на овој процес не се она што сака Иран, зашто нема доверба во американската влада.
Експертот за Иран во изборите во Иран во јуни не гледа краен рок. „Она за што сега станува збор е напредок кон враќање кон спроведување на договоорт, за тој да стане политички важен фактор во предизборната кампања“. И тоа, истакнува тој, се однесува на сите претседателски кандидати. Никој во Техеран нема да стане и да изјави дека се откажува од укинување на санкциите.
Од друга страна, продолжува Батмангелиџ, за владата на Бајден овој процес нема да помине без внатрешни политички проблеми. Но, Бајден јасно стави на знаење дека сака да се врати кон мултилатерална дипломатија. „Би било погрешно да се пропушти оваа прилика. Тоа би можело да покаже дека соработка е можна дури и со противници како Русија или Кина.“ Батмангелиџ смета дека во интерес на владата во Вашингтон е силен ангажман на оваа тема.
Овој експерт дури гледа и причина за зрак оптимизам. Донеодамна, вели тој, се чинеше незамисливо делегации на Вашингтон и на Техеран да бидат во ист град. „Поминавме мрачен период. Но, мора да причекаме и да видиме дали ќе дојде до напредок на кој многумина се надеваат“, заклучува Батмангелиџ.