1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Американски одмазднички напад со дрон врз ИС-К во Авганистан

ЖА
28 август 2021

Како реакција на крвавиот напад на аеродромот во Кабул, САД го нападнале регионалниот огранок на ИС-К во Авганистан и убиле нејзин висок по ранг член.

https://p.dw.com/p/3zbMK
US-Drohnen in Afghanistan
Фотографија: picture alliance/Pacific Press/A. Ronchini

Нападот со дрон бил извршен врз „еден од организаторите" на регионалниот огранок на џихадистичката милиција „Исламска држава - провинција Хорасан“ (ИС-К), соопшти портпарол на Американската централна команда. „Според првите сознанија целната личност е мртва, нема информации за цивилни жртви“, истакна тој.

Американскиот претседател Џо Бајден најави одмазда по крвавиот терористички напад извршен на аеродормот во Кабул во четвртокот, во кој загинаа повеќе десетици лица, меѓу кои и 13 американски војници.

„Нема да заборавиме, нема да простиме. Ќе ве гониме и ќе платите за ова“, им порача Бајден на терористите кратко по атентатот.

Нов живот за Авганистанецот кој побегна од Кабул

Портпаролката на Бајден, Џен Псаки вчера ја потврди одлучноста на претседателот во односот кон авганистанскиот огранок познат како  „Исламска држава провинција Хорасан“ (ИД-Х, или ИС-К), тој не би сакал овие терористи да егзистираат.

Американската амбасада во Кабул во меѓувреме ги повика повторно своите граѓани да се оддалечат од влезовите кон аеродромот, без да се наведуваат повеќе детали. Пред нападот во четвртокот амбасадата издаде слично предупредување.

Портпаролот на Пентагон Џон Кирби изјави дека постои конкретна и веродостојна закана на аеродромот во авганистанскиот главен град. Советниците за безбедност на американскиот претседател проценуваат дека постои веројатност од дополнителен напад. Идните денови ќе бидат досега најопасниот период на мисијата, констатираше и портпаролката на Бајден, Џен Псаки. Но, без оглед на се, евакуирачките летови ќе продолжат до последниот момент, потенцира американскиот генерал Хенк Тејлор.