САД ја нападнаа Сирија, Русија бесна
7 април 2017Два американски воени бродови испалија 59 крстосувачки проектили од Средоземното море кон сириската база контролирана од претседателот Башар ал-Асад како одговор на нападот со хемиско оружје врз територијата на бунтовниците.
Соочувајќи се со најголемата надворешнополитичка криза откако дојде на функцијата, претседателот на САД Доналд Трамп ја донесе најострата одлука на американската администрација во шестгодишната сириска војна, истовремено зголемувајќи ја опасноста од конфронтација со Русија и Иран, двата најголеми поддржувачи на Асад.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека воените напади врз Сирија се прекршување на меѓународното право и сериозно ги нарушуваат американско-руските односи. Рускиот претседател ја смета американската акција за „агресија против суверена држава“ со „измислен изговор“ и циничен обид да се одвлече вниманието од цивилните жртви во Ирак, рече портпаролот на Путин, Дмитри Песков.
Претставници на САД соопштија дека предвреме ги информирале руските сили за опасноста со која се соочуваат нивните трупи во базата, објаснувајќи дека при нападот бил избегнат дел од базата каде се сместени Русите.
„Повеќегодишните претходни обиди да се промени однесувањето на Асад беа неуспешни, и драматично пропаднаа“, изјави Трамп најавувајќи го нападот од својето одморалиште во Мар-а-Лаго на Флорида, каде се среќава со кинескиот претседател Си Џинпинг. Трамп го нареди нападот само еден ден откако го обвини Асад дека е виновен за нападот со хемиско оружје во градот Хан Шејкун во кој загинаа најмалку 70 луѓе. Сириската влада демантираше дека е виновна за нападот.
Големо уништување
Проектилите Томахавк беа лансирани од воените бродови УСС Портер и УСС Рос кусо по полноќ во петокот, а целеа кон сириската воена база Шајрат, каде според Пентагон, било чувано хемиското оружје.
„Првичните индикации се дека нападот тешко оштетил или уништил сириски летала и придружна инфраструктура и опрема на аеродромот, со што се намалува способноста на сириската влада да користи хемиско оружје“, изјави портпаролот на Пентагон, Џеф Дејвис. Најмалку пет сириски војници, меѓу нив и еден високо рангиран офицер, загинале во нападот, кој речиси целосно ја уништил базата, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права. Според американски претставници, нападот бил единечен и нема план за натамошни акции против Сирија.
Релативно брзиот одговор на хемискиот напад се случува во период кога Трамп е соочен со растечка листа на глобални проблеми, од Северна Кореја и Кина до Иран и Исламската држава, и веројатно е замислен како порака и за сојузниците и за непријателите за подготвеноста на САД да користат воена сила доколку оценат дека е тоа неопходно. Освен Русија, и Иран остро го осуди нападот на САД.