Салафист осуден на затворска казна поради напад врз полицајци
19 октомври 2012Покраинскиот суд во Бон денеска го прогласи за виновен 26 годишниот германски Турчин поради нанесување на опасни телесни повреди, кршење на мирот и пружање отпор против органите на редот. Нападот врз една полицајка и еден полицаец се случи при нередите на радикалните исламисти на 5. мај во Бон. Салафистите демонстрираа против една манифестација на огранокот на десно екстремистичката партија „Про НРВ“, на која беше покажана карикатура на Мохамед. Државното обвинителство бараше казна од пет години и девет месеци, додека одбраната во своето пледоаје се заложи за ослободителна пресуда.
Обвинетиот не покажа каење
Обвинетиот во текот на процесот го призна нападот со нож и не покажа каење. Напротив тој се обиде нападот да го образложи со неговата религија: „Од еден муслиман не може да се очекува да остане мирен, кога се навредува пророкот“, се изјаси 26 годишникот за време на процесот. Главен одговорен за неговото дело била германската држава, која дозволила покажување на карикатурите на Мохамед, изјави исламистот кој потекнува од Хесен. Тој двајцата службеници ги нападнал со кујнски нож и им нанесе тешки повреди.
При судирите меѓу демонстрантите од салафистичкото опкружување и полицијата пред академијата Крал Фахд во Бон во мај годинава беа повредени 29 службеници, додека 109 лица беа приведени. Пред покраинскиот суд во Бон поради овој инцидент се’ уште се водат процеси против 22 салафисти.
Во Германија салафистите бројат околу 4.000 приврзаници. Делови од движењето се надгледувани од Службата за заштита на уставот поради сомневање дека претставуваат збиралиште за насилен ислам и дека оддржувале контакти со терористичките мрежи.