1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одговорност со „фи“ нула

Катерина Блажевска 8 август 2016

Сѐ уште не е научена лекцијата од минатите катастрофи: дека проблемите не се решаваат по дождот, туку пред дожот. Тогаш кога е суво и кога дефектите и несработеното се изложени „на сонце“

https://p.dw.com/p/1JdFy
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Точно на годишнината од поплавите во Тетовско, последниот пороен дожд во Скопско уште еднаш јасно ја откри целата дисфункционалност на институциите и неодговорноста на државната и локалната власт. За да тие да бидат забошотени, очекувано беше дека исто како и ланскиот дожд кој однесе шест жртви, и овој ќе биде прогласен за библиски потоп, за божја работа. Ни тогаш, ни денес не одговорија што е нивната земска работа, и со невидена леснотија уште еднаш повикаа дека сега не е време за критика, туку за помош во настраданите места.

Напротив, сега е време надлежните да бидат повикани на одговорност. Дваесет и еден човечки живот однесен во порој не може да биде тема за која ќе се молчи или ќе се третира судбински, во стилот „не можеме против природата, така требало да биде“. Ако во многу поголемата поплава што го зафати Скопје во 1962 година немало ниту една жртва, зарем 54 години подоцна, не треба да се надеваме дека системот за превенција на последиците ќе биде многу поголем и поусовршен?

За жал, фактите на теренот покажуваат дека таа работа не е завршена. Без изградба на соодветен систем, ни овој град, ни другите места не може да се надеваат на ништо добро. По ланските дождови кои потопија неколку традиционално критични точки во Скопје, градоначалникот се пофали дека проблемот е решен и дека се поставени цевки со поголем капацитет за апсорбирање на вишокот вода. Сега и тоа „фи“ не се покажа како соодветно, што укажува или на лоши проценки или на слаби изведби, односно на „фи“ нула во одговорноста.

Mazedonien Tetovo Überschwemmungen Erdrutsch
Последиците од минатогодишните поплави во ШипковицаФотографија: picture-alliance/AA/I. Nikolovski

По ланските поплави во Тетовско, освен реновирањето на куќите што со одредена државна помош го спроведоа локалните жители, не е отстранета ниту една пречка што може да придонесе дури и дожд од многу помали димензии да предизвика нова катастрофа. Не се санирани многу од новоразбудените свлечишта, а дури деновиве допрва ќе се рушат карпи кои се закануваат со одрон врз куќите или со блокирање на локалните руинирани патишта. Се уште не се исчистени и обновени оштетените решеткасти брани, и се уште не е направен дренажен систем во кој ќе се слеваат поројните води. Со право пред неколку дена градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, предупреди дека „со еден коњ помалку во Скопје, ќе се реши проблемот“, објаснувајќи дека според извршената проценка, проектот за целосна санација и превенција од ризици ќе чини околу 25 милиони евра. Извештајот бил испратен до Владата и таа уште еднаш ја повика извршната власт да ги обезбеди тие средства од буџетот. Но, во нашиов случај, повеќе од изградба на инфраструктурата, примат имаат некакви Панорамски тркала и други урбани украси кои вртат во празно. Таа партиска „воденица“ секако дека нема да меле жито, но веројатно повеќе крева рејтинг отколку да се направи атмосферска канализација, во Стајковци, на пример.

Жителите на ова и на околните села кои беа погодени со последното невреме, со години алармираа дека и по мал дожд улиците им се претвораат во базени. „Властите го заборавија Стајковци. Пропаѓаме во дупки, се давиме во вода по секој дожд! Никој не доаѓа во овој крај да ги види нашите локални проблеми“, реагираа лани во септември жители од ова и другите села кои спаѓаат во атарот на општината Гази Баба. Надлежните секако дојдоа, но откако дождот однесе 21 жртва. Градоначалникот на Гази Баба кој вчера се соочи со последиците, во неговиот учинок нема реализирано проекти кои би придонеле ваквите последици да се спречат или барем да се ублажат, со што би добила суштина неговата сегашна „загриженост“. Тоа што тој и градоначалникот на Скопје беа исвиркани при тамошната посета, е само објективна верификација на нивниот „минат труд“ од страна на локалните жители. Стајковци, село со околу 500 домаќинства, заедно со другите поплавени места се главните производители и снабдувачи на скопските пазари со земјоделски производи, од кои најголемиот дел од населението ги остварува основните приходи. Загаденоста на почвата и на приносите по последната поплава, ќе го земе данокот и на нивните планирани приходи.

Во целата ситуација, кога штетите од поплавите и одговорноста се огромни и речиси немерливи по многу параметри, особено на изгубените животи, најкарикатурално беше однесувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој и овој тажна епизода ја искористи за пропагандно one man show. Опремен со микрофон, кој треба да ги осведочи сите негови зборови на загриженост, и со „извршни надлежности“ кои во моментов ги нема (барем јавноста така знае), тој му даде налог на премиерот Емил Димитриев да одржи нова седница на Владата, откако го „преслуша“ и него, и министерот за здравство и вицепремиер, Никола Тодоров, и пред камерите пресметуваше дали еден пакет храна за настраданите задоволува потреби за четири лица. Тој на јавна сцена ни посведочи дека партијата не одвоена од државата. Единствено последиците од поплавата се одвоени од сечија одговорност на надлежните во државата!

Mazedonien Unwetter
Сцена од скопските улици за време на големиот порој во саботата (6.8.2016) вечертаФотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Ваквиот симулакрум на грижа, не е ништо повеќе од нова поплава врз очекувањата на јавноста - навреме да се превенираат последиците, а не отпосле да се „санираат“ штетите, и тоа преку медиумски претстави.

Податоците за врнежите во Република Македонија покажуваат дека тие не се причина поради која треба да се губат човечки животи. Тие во просек годишно изнесуваат околу 680 мм, што е релативно мала вредност во споредба со земјите со најголем годишен просек на врнежи, од 11.000 до 13.000 мм. Најмногу врнежи има во западниот дел на Македонија, особено во долината на реката Радика - околу 1.200-1.400 мм годишно, а во централниот дел на Повардарието, во Тиквешијата и Овче Поле, тие се под 500 мм годишно.

Поради ваквите ниски вредности, голема е одговорноста од губењето човечки животи, а за жал, се уште не е научена лекцијата од минатите катастрофи: дека проблемите не се решаваат по дождот, туку пред дожот. Тогаш кога е суво, и кога дефектите и несработеното се изложени „на сонце“.