1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само „слабите“ членки на ЕУ сакаат евро?

Ненад Крајцер
13 јули 2022

„Треба да се постави прашање зошто силните членки на ЕУ, како Данска и Шведска, не го сакаат еврото... На крајот, друштвото на слабите членки на еврозоната само ќе се зголеми“, велат економистите.

https://p.dw.com/p/4E3zi
Symbolbild Geld - Money
Фотографија: Joachim Hahne/johapress/picture alliance

Хрватска на почетокот на наредната година ќе стане дваесетта земја во еврозоната и 26-та земја каде еврото официјално се користи како платежно средство. Тоа вчера ( 12.07) беше запечатено во Брисел, а утврден е и курсот според кој 7,5345 куни ќе се претворат во едно евро.

Повеќето германски медиуми за тоа пренесуваат агенциски вести. Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) го цитира хрватскиот министер за финансии Здравко Мариќ, кој во Брисел зборуваше за „историски ден“.

ФАЦ го цитира чешкиот министер за финансии Збињек Стањура, кој тврди дека влезот на Хрватска во зоната на заедничката валута е „разумна политичка одлука“. Но, во исто време, ФАЦ забележува дека самата Чешка не е членка на еврозоната.

Во евро-клубот влегуваат најслабите?

Весникот Велт дава подолга анализа и цитира економисти кои не го поздравуваат влезот на Хрватска во еврозоната. Велт пишува дека Хрватска ја воведува валутата во време на криза, кога еврото е најслабо во споредба со доларот од неговото воведување пред 20 години и кога целата зона ја потресува силна инфлација.

Штефан Котс од Институтот за светска економија во Кил смета дека Хрватска може првенствено да профитира од евтините кредити и логиката според која стабилните земји, како Германија, плаќаат исти камати како нестабилните земји во јужна Европа.

„Треба да се постави прашање зошто силните членки, како Данска и Шведска, не го сакаат еврото... На крајот, друштвото на слабите членки на еврозоната само ќе се зголеми“, вели Котс и заклучува дека Хрватска не требало да биде прифатена додека валутата не се стабилизира.

Во текстот се наведува дека по Хрватска, која е трета најсиромашна членка на ЕУ, и Бугарија како најсиромашна членка стреми кон воведување на еврото.

И економистот Матијас Кулас од Центарот за европска политика укажува на високиот долг на Хрватска од 80 отсто од БДП, иако во пактот на еврозоната стои дека членките не смеат да имаат долг поголем од 60 отсто. Како што се наведува, од членките на ЕУ кои сѐ уште не се во еврозоната, Хрватска се бори со највисок долг.

„Шведска со долг од 37 проценти би била повеќе од добредојдена, но тие не го сакаат еврото“, заклучува Кулас.

Тој, исто така, смета дека слаба точка е и кревкоста на институциите на Хрватска, како и на земјите кои наскоро сакаат да влезат во еврозоната, како Романија и Бугарија, бидејќи „ниското ниво на институционална сила значи ризик за економска и политичка отпорност во време на криза“.

Сеќавање на југот

Зиддојче цајтунг на темата ѝ пристапува од поопуштена гледна точка. Авторот потсетува на возбудата што за време на одморите на југот на Европа порано се поврзуваше не само со морето и плажите, туку и со различните банкноти кои беа во оптек.

„Родителите веднаш одеа во менувачницата на граница и се враќаа со сноп странски банкноти. Тогаш можевме да добиеме илјада лири за една марка, веднаш се чувствувавме некако побогати“, се вели во текстот.

- повеќе: Еврото и натаму во слободен пад - доларот речиси го стигна

Но, земјите како Италија, Франција или Грција веќе одамна го воведоа еврото, а сега на ред е Хрватска. „Куната наскоро ќе наполни 28 години, а ова лето ќе биде последното во кое еспресото, сирењето или местото за кампување ќе ги плаќаме со овие шарени банкноти“, заклучува носталгично авторот.

- повеќе: Проклетството и благословот на слабото евро

Дел од таа носталгија, продолжува тој, лежи и во тоа што дизајнот на куната наликува на германска марка. Но, за многумина еврото веќе стана секојдневие во Хрватска.

„Носталгија или не, многумина кои летувале во Хрватска ќе признаат дека многу работи платиле во евра, затоа што тоа е практично и затоа што еврото е широко прифатено во Хрватска. Тешко дека некому ќе му недостигаат таксите и лошиот курс на многу банкомати во земјата“, се заклучува во текстот на Зиддојче цајтунг.