1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самоволие и беззаконие во источна Украина

Ина Куприанова/ Жана Ацеска23 септември 2014

Во источна Украина, во регионите кои ги контролираат проруските сепаратисти, владее страв. Постојано се случуваат самоволија и злоставувања. Активистите за човекови права ѕвонат за тревога.

https://p.dw.com/p/1DJ7U
Фотографија: DW/I. Kuprijanova

На почетокот на септември меѓународната организација за човекови права Хјуман рајтс воч соопшти дека проруските сепаратисти во областите кои ги контролираат во источна Украина поради наводни прекршувања на јавниот ред ги тераат луѓето на принудна работа. Самонаречените властодршци на т.н. Доњецка Народна Република на својата интернет страница објавија дека се грижат за јавниот ред, според свои сфаќања.

А како изгледаат казните, известуваат луѓето од Иловајск. На крајот на август во градотво Донбас беснееа жестоки борби, приврзениците на т.н. Доњецка Народна Република убија 23-годишен човек, обвинувајќи го за ограбување. Вестите за самоволни стрелања се множат.

Драстични казни

Како што произлегува од извештајот на Хјуман рајст воч, темелен врз разговорите со луѓе на теренот, и за најмали прекршоци се изрекуваат драконски казни, во што првенствено спаѓа принудна работа. На неа тераат сепаратистичките милиции, ако на пример луѓето го прекршат полицискиот час или кај себе не носат лични документи. Судска постапка воопшто нема.

Ukraine Separatisten Blockposten
Принудна работа и на фронтФотографија: DW/A.Savizki

„Граѓаните кои мораат да извршуваат принудна работа, се тепани и брутално понижувани. Забележани се случаи луѓето да мора да извршуваат работи на барикади или во области каде се водат борби и постои опасност да се биде повреден или дури и убиен“, констатира организацијата ХРВ.

Хју Вилијамсон, известувач за Европа и Централна Азија во ХРВ, бара да им се стави крај на постапките на овие „казнени бригади“, кои претставуваат прекршување на човековите права.

Тепања и малтретирања

„Мојот брат беше притворен недалеку од Доњецк. Не исклучувам да бил пијан и да немал лични документи кај себе“, раскажува Наталија. Познаници виделе како брат и‘ за казна морал да собира ѓубре од една улица. Тој бил ослободен дури по неколку денови.

„Добивал јадење. Оние кои одбивале наредби, биле тепани. Но, деталите не сакам да ги раскажувам“, вели жената.

„Видов еден човек кој ја метеше улицата пред штабот на сепаратистите“, раскажува Сергеј, кој потекнува од источна Украина.

„Тешко го познав, толку беше изобличено неговото лице и тело од тепање. Потоа набљудував како неколку недели врши различни работи: копаше ровови и растовараше камиони. Тој денес е со сепаратистите, зашто вели, немал друг избор“, вели Сергеј.

Затвореник без причина

Александар има 59 години. Тој не можеше да раскажува за своите доживувања додека беше во Доњецк, туку дури кога се најде на безбедно место. На 11 август непознати лица во маскирни униформи го грабнале во еден автомобил и го одвеле во област под контрола на сепаратистите, во регионалната канцеларија на министерството за внатрешни работи. Таму му покажале фотографија на еден човек, кој наводно учествувал во „антитерористичката операција“ на украинската армија против сепаратистите. Човекот на фотографијата изгледал слично со него.

Ukraine Separatisten Donezk Waffenruhe
Луѓето и натаму бегаат од ДоњецкФотографија: DW/I. Kuprijanova

„Затоа ме затворија четири дена. Но, сепак имав среќа, зашто не ме тепаа“, вели тој.

„Овие луѓе едноставно се една банда. Со денови се молев да им се јавам на најблиските за да им кажам дека сум жив. Дури четвртиот ден дојдоа претставници на ’Министерството за државна безбедност на Доњецката Народна Република’ кај мене и бев пуштен на слобода. Не можеа да ги докажат обвинувањата против мене“.

Александар ја претпоставува причината за неговото апсење, а тоа е неговото проукраинско определување:

„Сите мои соседи порано го гледаа обесено во мојот автомобил украинското сино-жолто знаменце“.

Граѓаните се без заштита

Во областите контролирани од сепаратистите нема ни правна заштита за граѓаните, ниту право на собирање и изразување свое мислење, се жали Александер Букалов, раководител на организацијата за заштита на човековите права, „Доњецки Мемориал“. Токму затоа многумина луѓе го напуштаат регионот.

Не постојат правни механизми за човек повторно да сенајде на слобода и да биде обештетен, вели активистот.

„Тоа не значи дека секој припадник на сепаратистите е криминалец и дека насекаде владее хаос. Но, при вакво самоволие, граѓаните се чувствуваат апсолутно незаштитени“, вели Букалов.