Санкции за уметноста на руските олигарси
26 март 2022Нивните имиња се Генадиј Тимченко, Владимир Потанин, Пјотр Олегович Авен или Роман Абрамович. Многу руски олигарси и супербогати кои се сметаат себеси за пријатели на рускиот претседател Владимир Путин имаат едно нешто заедничко: тие се на западните листи за санкции како одговор на рускиот напад врз Украина.
Четири отсто од околу 2.200 милијардери и дополнителни два отсто од супербогатите со имот од над 50 милиони долари во 2020 година биле Руси, се вели во најновиот извештај за пазарот на уметност на Арт Базел и УБС банка.
За да се збогатат по распадот на Советскиот Сојуз во 1990-тите, тие наскоро беа добредојдени гости на саемите за уметност во Базел, Токио и Њујорк. Или се најдоа на листата на важни купувачи на аукциските куќи. Некои буквално расфрлаа пари наоколу, украсувајќи го своето ново богатство со скапи трофејни уметнички дела.
Олигарсите се повлекуваат доброволно
Но, сега дел од имотот во странство им е замрзнат. Во Лондон, на пример, сопственикот на ФК Челзи Роман Абрамович мораше да се откаже од контролата врз својот фудбалски клуб. На други им се заканува, можеби уште посериозно, губење на општественото признание: Олегович Авен, раководител на Алфа групацијата, најголемата руска комерцијална банка, го загуби своето место во управниот одбор на Кралската академија во Лондон. Институтот одби донација од Авен за актуелната изложба на Френсис Бејкон во Кралската академија. Во музејот Гугенхајм во Њујорк, Владимир Потанин го напушти врховното советодавно тело на таа институција. На приватно финансираниот Гугенхајм ќе му недостигаат неговите пари.
Тие го купуваат сето она што има статус и репутација: со своите милиони, руските олигарси со текот на годините стекнаа влијание во светот на уметноста и го обликуваа глобалниот пазар на уметност.
Абрамович на тој начин ја напиша историјата на пазарот на уметност кога, во 2008 година, неколку месеци пред да банкротираат Леман брадерс, купи триптих од Френсис Бејкон од аукциската куќа Сотби за рекордни 86,3 милиони долари - и речиси истовремено слика на Лусијан Фројд од Кристи - за 33,6 милиони долари. Во 2006 година, Сотби го продаде делото „Dora Maar au chat“ на Пабло Пикасо на Борис Иваншвили, кој се откажа од руското државјанство во 2011 година, за 95,2 милиони долари.
Нејасно е колкав удел имале олигарсите на последните мартовски аукции во Лондон. Аукциските куќи не се огласуваат за тоа. Она што е сигурно е дека екстремно богатите во Русија имаат значителен удел во вредноста на инвестирањето во уметнички дела. Голем дел веројатно е надвор од земјата, првенствено во царинските магацини во Швајцарија, Лихтенштајн или Луксембург, на пример. „Она што е таму е голема тајна“, наведува Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ), „како и голем дел од нетранспарентите и дискретни бизниси со уметнички дела“.
Што откри конгресот на САД
И покрај санкциите, можно е да се префрлат милиони во трговијата со уметност, открива извештајот на Американскиот Конгрес во 2020 година. Снаодливите олигарси за вакви потфати користеле фирми регистрирани во даночните раеви, вршеле офшор трансакции или се криеле зад други луѓе кои дејствувале во нивен интерес. Пазарот на уметност е, според американскиот извештај, „најголемиот нерегулиран пазар во САД“. Американските и европските законодавци потоа ги заострија правилата за спречување на перење пари. Оттогаш се применува т.н принципот „Дознај го твојот клиент“ (KYC), за проверка на идентитетот на клиентот.
Покрај проверките на идентитетот и ликвидноста, процедурата KYC на Кристи се фокусира на постојани споредби со постојните списоци со санкции, кои исто така се спроведуваат во Сотби и аукциската куќа Филипс во сопственост на Русија. Правните одделенија работат без проблеми. Од Сотби, кој, како и Кристи и Филипс, има претставништво во Москва, велат: „Внимателно ги следиме случувањата во врска со списоците со санкции и ќе ги почитуваме сите важечки прописи“. Слични верувања изрази и шефот на Кристи, Дирк Бол.
Ова секако е во интерес на аукциските куќи. Во спротивно, тие би можеле да се соочат со губење на имиџот или казни. Засега, берлинската аукциска куќа Грисебах сака да се откаже од руските купувачи и на тој начин да испрати „остар сигнал за солидарност со Украина“, изјави нејзината извршна директорка Диандра Донекер за ФАЦ. Сепак, дали е тоа доволно за да не се заобиколат санкциите?
Санкциите не се пречка за уметничкиот бизнис
Контрапример дадоа Борис Ротенберг, пријателот на Путин од детството, и неговиот брат Аркадиј Ротенберг, сопственик на СМП Групата, најголемата руска компанија за гасоводи и клучен изведувач на руската енергетска компанија Газпром. Браќата веќе беа санкционирани во 2014 година по руската окупација на Крим. Тоа не ја спречи нивната страст за поседување уметнички дела, како што беше откриено во Панама документите од 2017 година: тие ја продадоа сликата на Магрит „La Poitrine“ за 7,5 милиони долари, како што неодамна потсети „The Art Newspaper“.
Тешко е да се процени колку меѓународниот пазар на уметнички дела и покрај сите санкции, ќе продолжи да има корист од Ротенберг и Авен, Потанин, Тимченко или Абрамович. Документирањето на бинзисот со уметнички дела на аукциите и во галериите е нецелосно, особено при дискретна приватна продажба. Сепак, уметничкиот свет веројатно ќе следи дали препознатливата „Трофеј уметност“ во сопственост на олигарсите ќе се појави на пазарот за време на претстојните пролетни аукции во Њујорк. Што се однесува до Лондон, Кристи, Сотби и Бонхамс веќе ги откажаа аукциите на руската уметност планирани за јуни.