1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова „Студена војна“ меѓу САД и Русија

БГ
30 декември 2016

САД најавија серија санкции и други казнени мерки против Русија поради обвинувањата дека Москва преку сајбер напади влијаела врз исходот на претседателските избори на кои победи Доналд Трамп

https://p.dw.com/p/2V34h
China Treffen Putin Obama
Фотографија: picture-alliance/Sputnik/A. Druzhinin

Руската влада најави остра реакција по санкциите, а и натаму ги отфрла обвинувањата од САД дека ја хакирала и украла електронската пошта на Хилари Клинтон со цел да му помогне на Трамп да победи на изборите. Трамп изјави дека САД треба да гледаат кон иднината, но во прв сигнал дека можеби не ги отфрла целосно сомнежите, најави дека планира да се сретне со американските разузнавачки функционери следната недела.

Санкциите се нов удар за американско-руските односи кои се на најлошо ниво од крајот на Студената војна.

Еден месец по изборите на кои САД тврдат дека Русија се обидела да му помогне на Трамп, претседателот во заминување Барак Обама ги санкционираше руската цивилна и воена разузнавачка служба, ФСБ и ГРУ. Во координиран одговор на најмалку пет разузнавачки агенции, администрацијата на Обама ја откри и тактиката на руските сајбер напади преку детаљен технички извештај.

„Сите американци треба да бидат алармирани поради акциите на Русија“, рече Обама, кој е на одмор на Хаваи. „Таквите активности имаат последици“.

Контра-мерки од Русија

Тој најави дека одговорот не е целосен и дека САД би можеле да преземат натамошни, тајни операции- прикриена закана за американски сајбер контранапад кој веќе подолго време се разгледува.

Сепак, санкциите би можеле релативно лесно да бидат повлечени од Трамп, кој досега инсистираше дека Обама и Демократите се обидуваат да го делегитимизираат неговиот избор. 

USA | Russische Botschaft in Washington DC
Руската амбасада во ВашингтонФотографија: picture-alliance/AP Images/J. Scott Applewhite

Како дел од казната, САД исфрлија 35 руски дипломати, што во истовреме се смета и за одговор на руското малтретирање на американските дипломати во земјата. Затворени се и два објекти кои ги користела руската држава во Њујорк и Мериленд за кои се смета дека биле користени за разузнавачки операции.

Новите казни ги дополнуваат постојните американски санкции против Русија поради нејзините операции во Украина, кои ја оштетија руската економија, но имаа мало влијание врз однесувањето на Владимир Путин.

Русија ги оцени санкциите како невешт но агресивен обид да им се „наштети на руско-американските односи“. Портпаролот на Путин, Дмитри Песков рече дека Русија ќе го земе в предвид фактот дека Трамп наскоро ќе го замени Обама, иако во меѓувреме се разгледуваат и контра-мерки.

Малку е веројатно дека новите санкции, иако симболички важни, ќе имаат големо влијание врз руските шпионски операции. Санцкиите наложуваат замрзнување на средства во САД и ги оневозможуваат Американците да соработуваат со санкционираните.

„На прв поглед, ова е повеќе од сериозно, но всушност далеку од адекватен одговор на невидениот напад врз нашиот изборен систем“, вели Стјуарт Бејкер, адвокат за сајбер безбедност и поранешен функционер на НСА и на Бирото за домашна безбедност.

Русија ќе продолжи со хакирање

USA Donald Trump in Palm Beach
Дали Доналд Трамп ќе ги поништи санкциите на Обама?Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Harnik

Висок функционер во администрацијата на Обама вели дека дури и по казните, САД веруваат дека Русија ќе продолжи со хакирање на изборите во други држави, и би можела да се обиде да ги хакира и изборите во САД во 2018 или 2020.

Иако американските безбедносни служби објавија заеднички извештај за руските агресивни сајбер активности, во кој има детаљи за малверот кој го користела Русија, сепак се уште не е објавен целосниот извештај кој го вети администрацијата на Обама. Американските власти велат дека е доволно да се погледне листата на санкционирани за да се добие целосна слика. На листата се шефот наа ГРУ, тројца негови заменици, и двајца руски државјани кои се бараат со потерница на ФБИ за сајбер-криминал.

Потегот го става Трамп во ситуација да мора да одлучи дали да ги поништи мерките откако ќе ја преземе функцијата, на што има право. Но, градењето на случајот против Русија во оваа фаза, ќе му го отежне оправдувањето за таков чекор.

„Иако акциите на администрацијата беа одамна очекувани, ова е вистински начин да се заклучи осумгодишната неуспешна политика кон Русија“, изјави спикерот на Конгресот, републиканецот Пол Рајан.

Американските безбедносни агенции заклучија дека Русија се обидела да му помогне на Трамп преку упад во компјутерскиот систем на Демократската партија и кражбата на илјадници мејлови кои потоа беа објавени на Викиликс. Дел од пораките содржеа засрамувачки информации за Демократите.