Истрагата за автобуската несреќа во Бугарија е при крај
14 декември 2021Истрагата за автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 македонски државјани е во завршна фаза. Истражните органи очекуваат трите експертизи да бидат готови пред Божиќ, односно до 25 декември. Станува збор за судското, техничкото и вештачењето коешто треба да утврди како настанал пожарот и како изгорел автобусот преполн со патници за само неколку минути.
Директорот на Националната истражна служба и заменик главен обвинител, Борислав Сарафов за БНТ открива дека возачот на автобусот се движел со несоодветна брзина, поголема од дозволените 90 километри на час.
„Брзината е прилично неусогласена, 90 километри на час биле надминати. Барањата за еден професионален возач на автобус се повисоки отколку за кој било друг возач. Затоа било неопходно и брзината да била соодветна на условите независно од ознаките на патиштата“, вели Сарафов.
Истражните органи не ја отфрлаат можноста дека ознаките на патот не биле соодветни, но според нив, нема никаква причинско-последична врска меѓу несреќата и лошата патна сигнализација.
Бугарските експерти неодамна и на прес-конференција го изнесоа својот став дека причина за несреќата најверојатно е човечка грешка. Првичната истрага покажала дека автобусот од сѐ уште непозната причина скршнал надесно и удрил во заштитната ограда. Од ударот се дупнал резервоарот за гориво, избувнал пожар и возилото се заглавило меѓу заштитните огради што ги делат двете ленти на автопатот.
-повеќе на темата: Хронологија на една трагедија: Реконструкција на несреќата на автопатот „Струма“
Во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, што се случи на 23 ноември, загинаа 45 лица, а седуммина беа повредени. Седуммина патници успеале да го скршат задното стакло на автобусот и да се спасат. Несреќата се случи кога патниците се враќале дома по неколкудневна прошетка во Истанбул. Во тек е и истрага која што ја води бугарското обвинителство, а во која се вклучија и тимови од Северна Македонија.