Сепак не е од лабораторија
30 април 2020Американските разузнувачки служби заклучија дека коронавирусот не е направен од човек ниту пак е генетски модифициран, објавено е денеска во соопштението.Како што наведува канцеларијата на директорот на Националната разузнувачка служба, тие и натаму се обидуваат да утврдат дали епидемијата започнала со контакт со инфицирани животни или е резултат на грешка во лабораторијата во Вухан, кинескиот град каде што започна пандемијата, пренесува агеницијата Франс прес.
Во последно време се споменува недокажаната теорија дека лабораторијата за инфективни болести во Вухан е изворот на глобалната пандемија во која починаа над 220.000 луѓе во светот.
Повеќе:
-Дали САРС-КоВ-2 е произведен во лабораторија?
-Болеста на теориите на заговор: Од чума до коронавирус
-Коронавирусот и опасноста од 5Г технологијата: Тешка и опасна глупост!
Ваквата теза ја шират и поддржуваат анти-кинески активисти но и некои приврзеници на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Испитувањата продолжуваат
Тајните служби на САД со недели на назад ги демантираат ваквите гласини, а денеска уште еднаш потенцираа: „Разузнувачката заедница се согласува со широкиот научен консензус оти вирусот Ковид-19 не е направен од човек ниту е генетски модифициран“, се наведува во соопштението од службата на САД.
„Ќе се продолжи со ригорозни испитувања на информациите и разузнувачките податоци за да се утврди дали епидемијата започнала со контакт со инфицирани животни или е резултат на несреќен случај во лабораторијата во Вухан“, се додава во соопштението.
„Неосновани и измислени тврдења“
Научниците велат оти вирусот е создаден природно кај лилјаците. Сепак, државниот секретар на САД, Мајк Помпео, и други претставници од администрацијата покажуваа со прст на институтот кој го води Кинеската академска наука. Овој институт спроведе важни истражувања следејќи го потеклото на вирусот САРС, и пронајде нови вируси од лилјаци и како тие можат да се пренесат на луѓето, пренесува новинската агенција Асошиејтед прес.
Кинеската влада денеска соопшти дека какви било тврдења оти коронавирусот излегол од лабораторијата се „неосновани и измислени“. Портпаролот на министерството за надворешни работи, Генг Шуанг, ги наведе зборовите на директорот на институтот во Вухан, Јуан Џиминг, според кој оваа лабораторија строго применува безбедносни процедури кои би спречиле какво било испуштање на некој вирус.