1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Саудискиот престолонаследник го нарече Хамнеи „нов Хитлер“

СН/ агенции
24 ноември 2017

Зголемените тензии меѓу регионалните сили Иран и Саудиска Арабија секојдневно се огледаат и во заострената реторика, која познава сѐ помалку скрупули.

https://p.dw.com/p/2oBMY
Saudi Arabien Mohammed bin Salman Kronprinz mit Macron in Riyadh
Фотографија: Reuters/Saudi Press Agency

Саудискиот принц, престолонаследникот Мухамед бин Салман изјави дека иранскиот врховен верски лидер Али Хамнеи е „новиот Хитлер на Блискиот Исток“.

Бин Салман, кој исто така е и саудиски министер за одбрана, во интервју за американскиот весник Њујорк Тајмс, оцени дека е „потребно спротиставување“ на експанзијата на Исламската Република Иран. „Научивме од Европа оти попуштањето не делува. Не сакаме новиот Хитлер во Иран да го повтори на Блискиот Исток она што се случи во Европа“, рече тој.

32- годишниот принц престолонаследник всушност важи за вистинскиот властодржец и за мозок на заострената политика против Иран. Сунитското кралство го гледа шиитскиот сосед како вечен непријател.

Iran Ayatollah Ali Khamenei, Oberster Religionsführer | Gespräch mit Studenten
Фотографија: Reuters/Leader.ir

На почетокот на месецот Иран оцени дека Саудиска Арабија направила грешка одбирајќи ги САД и Израел наместо Иран. „Свесни сте за силата и позицијата на Исламската Република Иран, ни сили поголеми од вас не можеа да сторат ништо против иранската нација“, ја предупреди претседателот на Иран, Хасан Рохани, Саудиска Арабија, додавајќи оти САД и нивните сојузници ги мобилизираа сите свои можности и сила, но ништо не можеа да сторат.

Овие закани се изнесени ден откако Саудиска Арабија се закани дека ќе се одмазди за ракетата од иранско производство испукана од Јемен кон аеродромот во Ријад. Ракетета беше пресретната, а Саудиска Арабија нападот го означи за објава на војна.

Најновиот вербален напад се случи во време на тензии во регионот и на битки за надмоќ на регионалните сили. Односите меѓу двете земји се влошија додека трае граѓанската војна во Јемен, каде тие поддржуваат спротивни страни.