1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Мијалков излезе од притвор

СН/агенции | ДТЗ
29 декември 2021

Поранешниот директор на УБК, вечерва го напушти затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, по одлуката на Апелацискиот суд Скопје, да ја прифати жалбата на обвинетиот за мерката притвор за предметот  „Плацеви на Водно“.

https://p.dw.com/p/44xzg
Nord-Mazedonien Saso Mijalkov
Фотографија: P.Stojanovski/DW

Поранешниот шеф на тајната служба, Сашо Мијалков, по излегувањето од притвор. како што јавуваат македонските медиуми, дал само кратка изјава дека нема намера и причина да бега. Апелацискиот суд, Скопје, претходно ја прифати жалбата на одбраната за притворот кој му беше определен во случајот „Плацеви на Водно“ и го преиначи првостепеното решение.

Претходно повисокиот суд ја прифати гаранцијата во имот вреден 11 милиони евра дека Мијалков нема да избега од државата.

Портпаролката  на Апелацискиот суд, Татјана Дуковска, за новинската агенција МИА најави дека утре одлуката и целото образложение ќе биде објавено на веб страницата на Апелацискиот суд.
Мијалков се наоѓашe во затворот „Скопје“  од 26 февруари годинава, откако претходно неколку дена беше во куќен притвор. Мерка притвор му беше изречена и за предметот „Трезор“, каде е неправосилно осуден на осум години затвор. Тој има првостепена пресуда и во случајот „Таргет – Тврдина“ со која е осуден на 12 години затвор, а обвинет е и во случаите „Плацеви на Водно“ и „Титаник 2“. Осомничен е за неколку предмети.

Nord-Mazedonien Geheimdienstchef Saso Mijalkov
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Одлуката да биде пуштен од притвор следи откако минатата недела (22.12.2021 година) за неполни 12 часа, поранешниот шеф на УБК беше ослободен од притвор од Апелацискиот суд, а потоа доби нов притвор од Основниот кривичен суд по барање на обвинителството, но за друг предмет. Ваквиот развој на настаните отвори бројни дилеми во јавноста.  Министерот за правда, Бојан Маричиќ, тогаш ја критикуваше одлуката на Апелација, оценувајќи дека таа „ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите“.