1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сведоштво за ужасот на историјата

Г.ф.Петерсдорф/ З.Јордановски 27 јануари 2015

Покрај Собибор се наоѓаше концентрационен логор во чии гасни комори беа убиени 250 илјади Евреи. Само малкумина го преживеаја хоророт. Археолозите сега со материјални докази можат да ги потврдат страдалничките сведоштва.

https://p.dw.com/p/1DsCY
Фотографија: Reuters/Kacper Pempel

Чудо е дека Филип Бјалович воопшто преживеал. Тој чекори крајно претпазливо, се плаши од моментот. За прв пат ги гледа темелите на гасните комори во Собибор. Овде биле убиени околу 250 илјади луѓе, меѓу нив и неговото семејство. Се гледаат само цигли, контури.

За Филип Бјалович е бесконечно важно што тие беа откопани. „За мене е од големо значење што сум овде и што можам да одам преку овие гасни комори, во кои беше убиено моето семејство. Уште се сеќавам на мојата седумгодишна внука, која ми пријде, ме гушна и се збогува од мене. Таа знаеше дека ќе умре. За мене овде, врз руините на гасните комори, е многу потресно.“

Од Собибор немаше враќање - овде беше спроведено убивање на индустриски начин. Тоа значеше: депортација, па гасна комора. На крајот преживеаја само 50-ина луѓе, меѓу нив и Филип Бјалович. Тогаш младиот Бјалович учествувал во побуна и успеал да побегне, заедно со брат му. Преживеа, но тешко беше замисливо да води нормален живот. Иако се ожени и имаше деца, концентрациониот логор остави траен белег врз него.

Polen Sobibor Konzentrationslager Gaskammern entdeckt
Фотографија: Reuters/Kacper Pempel

„Се заколнавме: доколку некој случајно преживее, треба доживотно да биде сведок и на целиот свет да му раскаже за ова ужасно место. Јас сум овде, жив сведок за тоа време. Собибор беше хорор“, вели Бјалович.

Песок, прашина, нужна е прецизна работа. Така се вади на виделина монструозното злосторство. Собибор постоеше само една ипол година, потоа беше до темел разурнат од националсоцијалистите, за никој да не дознае за него. Дотолку поголемо беше изненадувањето кога археолозите наидоа на остатоци од ѕидовите. Филип Бјалович сака се’ да знае.

„Ова е надворешната страна на ѕидот на првата гасна комора. Сега вие стоите во неа“.

Најдовте ли некакви тушови?“

„Не, уште не. Тие тогаш ги однеле мобилните делови“.

„Да, тие биле однесени“.

Без упорноста на тимот од истражувачи, гасните комори до денес би биле неоткриени. Тие продолжија да работат, и кога се велеше дека таму веќе нема ништо. Ја чувствуваат присутноста на мртвите, велат тие, тоа и’ дава смисла на нивната работа.

Philip Bialowitz Überlebender Sobibor
Филип БјаловичФотографија: DW/R. Romaniec

Археологот Волчех Мазурек истакнува: „Иако се концентрираме врз научниот аспект, ние ја чувствуваме и димензијата на оваа работа. Ова е обид да се покаже вистината, за да не паднат во заборав жртвите, чиј живот заврши овде со неописливо страдање“.

Археолозите најдоа лични предмети од убиените - пред да бидат однесени во гасна комора, ним им било одземано се’ што имале.

„Овој прстен овде, внатре има текст на хебрејски, срце. Чудесно е, нема многу вакви наоди, оти всушност прстените биле топени, напросто за да не остане никаква трага. Секогаш било клучно да се избришат трагите“, дополнува Мазурек.

Но, и покрај бегството, Филип Бјалович не би преживеал да го немало семејството Мазурек. Него го пречекуваат срдечно, како член на фамилијата. Кога доаѓа од САД во Полска, тој навраќа овде. Средбите се секогаш многу емоционални, секогаш го служат со истото јадење. А потоа, се навраќаат на сеќавањата - како било тогаш, кога дедото Мазурек ги сокрил браќата Бјалович.

„Овде во дворов бевме во скривалиште, а тие ни носеа нешто за јадење. Тој го правеше тоа како да оди на молзење, за никому да не му се стори упадливо. Се грижеше за нас се’ додека не бевме ослободени. Тоа беше вистинско херојско дело.“

Gaskammern in Sobibor entdeckt
Фотографија: picture-alliance/AP

Но, во семејството долго време не знаеле каков херој бил дедото, оти тој ништо не раскажувал и рано починал. Пред 18 години одненадеж на врата им се појави Филип Бјалович и се’ им раскажа.

Јануш Мазурек, внукот на спасителот на браќата Бјалович подвлекува: „Што си помислив тогаш? Бев горд на дедоми и бабами што се решиле за тоа. Јасно било што им се заканувало - смрт на целото семејство и на соседите. Германците можеле да се реваншират на најразлични начини.“

Овде наредната година ќе започна изградбата на музеј и образовен центар. Темелите на гасните комори ќе бидат дооткопани, видливи за сите посетители.

Досега сознанијата за ужасните злодела во Собибор се базираа врз искажувања на преживеаните. Поради тоа Филип Бјалович е толку среќен што беа откриени гасните комори - тие го потврдуваат она што тој го раскажува. Неговите сеќавања и овие руини докажуваат што се случило.