Света метла во Свети СДСМ
9 мај 2019Се е добро што добро ќе заврши. Така заврши и изборниот натпревар за избор на нов шеф на Државата, благодарение на гласачите кои во доволен број ја исполнија сопствената изборна задача. Останува на новиот претседател да ја исполни сопствената обврска на правење вистинска разлика со неговиот претходник и на дело ја демантира мислата на Жан Баптист Кар дека "што повеќе се менуваат нештата, толку повеќе остануваат исти”. Сакам да верувам дека во новиот Претседател постои барем трунка искреност да ја надмине наследената едностраност на неговиот претходник. Но по сите напади врз досегашниот станар на Водно, прашање е дали Пендаровски ќе успее во очите на неговите опоненти да ја надмине улогата на „лев фикус” во репризната драмолетка со изменета сценографија.
Почетокот дава надеж дека таа промена е можна, и тоа пред се благодарение на опозицијата и нејзината вербално жестока но процедурално коректна реакција во пост-изборниот финиш. Од опозицијата зависи дали е можно да се стави крај на груевистичката хистерија против Црвенковски и сдсмовската вулгарна еуфорија против Иванов. По сите негови изјави, Пендаровски секако нема морално право да бара и очекува пофер однос кон него од оној кој тој го демонстрираше кон Иванов. Но според бројот на добиени гласови, ВМРО може да си дозволи да тоа го стори и без замолница од новиот претседател.
Иако во јавноста популарна теза, не сум сосема сигурен дека процентот на излезност на гласачите е доволен за констатацијата дека „граѓаните ја казнија власта”. Дотолку повеќе што процентот на излезност е опасно близок до процентот на буџетарски зависници, додека пак процентот на неизлезност (и неважечки листови) ја одразува не само индиферентноста, туку и растечката социјална независност на граѓаните од уценувачкото влијание на власта. Како нов феномен и последица на масовнта имиграција и нејзиното директно финансирање на сопствените семејства во татковината. Диференцијацијата помеѓу "родољубите” кои гласаат затоа што мораат и "гастарбајтерите” кои гласаат кого сакаат по прв пат се исцрта на овие избори, но допрва ќе се одрази на парламентарните избори. И тоа е само најбенигиот аспект на поуки од неделната изборна анкета.
Финишот на изборите на симболички начин го означува и финишот на процесот започнат на 17 мај 2015 година врз чиј бран СДСМ успеа да се искачи на владеачкиот трон. Имено, масовната излезност на гласачите блиски до ДУИ не само што упати јасна порака до Заев кој сеуште го контролира албанскиот гласачки контигент, туку и на ефективен начин ја разниша ексклузивноста на СДСМ како граѓанска партија. Невообичаената отвореност на Али Ахмети во нудење не еден, не два туку три етно-македонски кандидати за консензуален претседател беше пречекана со комичното парирање на Заев за Алберт Муслиу како „разгледан но отфрлен” кандидат. Што уште повеќе ја подвлече дисхармонијата помеѓу заевистичкото „ќе” и ахметовското „еве”.
Други колумни од Арсим Зеколи:
-Мојата обврска да не апстинирам
Какви и да се – а реални се секако – сомнежите за легитимноста на дуистичкото гласачко цунами, конечниот изборен исход е доказ на реверот на Ахмети дека е спремен, способен и волен да ги натера сопствените гласачи да гласаат за етно-македонец. Нешто што Заев допрва ќе мора да го докаже на дело со гласање за етно-албанец во скопски Аеродром или струмичко Муртино. Со оглед на поведенијата и имиџот на неговите бихаќки , прашање е дали на следните избори Заев ќе може да смета на нивна убедлива победа и кај самите , а камо ли сред македонските гласачи. Наместо инаетење со ефтините провокации од дуистичките гебелисти, Заев би требало да извлече поука од перфидната игра на Ахмети во замена на улогите. И час поскоро разбере дека граѓанската опција не може да преживее само со телевизијски банални гримаси и испразни zuckerwasser зборови, туку со јасен и ефективен политички рацио. Се согласил тој или не, горката поука за Заев е дека неговиот лицемерен однос кон граѓанскиот концепт на крај се сведе на подарок за Ахмети. Кој не ја пропушти шансата да ем го понижи коалицискиот партнер, ем изведе уште една трансформативна епизода од националист во командант, во тендер-партнер, па се до промотор на граѓанскиот консензуален соживот.
Гласачите јасно ставија до знаење дека доколку изборот за нив е помеѓу албанската ДУИ на Ахмети и македонскиот ДУИ-зам на Заев, тогаш ќе се држат до ѓаволот кој го познаваат и преку кој сеуште можат да добијат се што СДСМ само го ветува, но не го исполнува. Изјавите на Заев дека не им должи ништо на те, приватните кавги на неговите со верски поглавари, презривиот однос на неговите албански министри кон те и албанскиот јазик, форсирање полуписмени екс-ДУИ манекени и редица други поведенија на крај не само што ја банализира граѓанската понуда на СДСМ туку и доведе до реставрација на етничкото како доминантна политичка идеологија кај те. Изборот на Пендаровски со огромен албански гласачки контигент е граѓански само по форма, но политички е сосема етнички мотивиран во суштина.
Реставрацијата на етничкото како политички двигател во македонскиот изборен кампус е многу полесно разбирлив со еден единствен поглед врз црвената вмровска боја на изборната мапа. Тоа црвенило не подразбира и не треба по автоматизам да се преведе во национализам. Туку како рефлекс на етно-македонскиот кампус кој – слично на албанскиот – не верува во граѓанскиот концепт на Заев. Примамливата леснотија за дефинирање на таа појава преку плукни-залепи етикети на национализам и шовинизам е посебно податлива за оние кои занесени во својoт левичарски BoBo елитизам ја заборавија поуката на Вук Караџиќ дека „не е знаење да се знае туку е знаење да знаење се даде”. И во тоа вината е помалку кај Заев, а повеќе кај оние кои не само што не успеаја да на убедлив и приземен начин ја објаснат политиката на оваа Влада, туку наместа тоа продолжија со она што им е најпознато и наједноставо – исмејување и плукање на се и секој што не се согласува со нив.
Поради нив, ВМРО-ДПМНЕ и Мицковски ја извојуваа шансата да во периодот пред нас го диктираат понатамошниот политички процес. Најголемата етно-македонска политичка партија денес се наоѓа на раскрсница и пред избор кој ќе ја определи и нивната иднина како партија и правецот во кој ќе се одвива политичката борба во земјата. Првиот избор подразбира форсирање рудиментална етно-националистичка политика според опортунистичките матрици на Груевски кој ги става во судир со самите себе и ги отвара кон лумпен-пролетерските кругови на ирационалноста. Вториот избор е реконфигурација во граѓанска десница според моделот на граѓанската левица на Заев со сосема извесен епилог на губење на идеолошката матрица и создавање простор да СДСМ се врати на старите патеки на елитистичкиот шовинизам од девеесетите. Третата опција подразбира рекалибрација на партијата според моделот ВМРО-ДПА од 1998г, градење на кохабитациона кохезија на двете доминатни етнички национални каузи, јасно дефинирање на прагматична согласност околу неусогласените прашања и реставрација на социалниот конзервативизам како меѓу-етнички идеолошки есперанто. Од политичката зрелост на Мицковски и посебно Зиадин Села зависи дали таквата трета опција може да се преведе во ефективна реалност. Впрочем, последните изјави на Ахмети даваат причина за сомнеж дека тој ионака веќе се спрема за прифаќање на таа нова етапа во неговата бескрајна еволутивна трансформација.
Со обзир на сето изнесено, не е за изненадување што Заев наликува на тажен и осамен лик ставен во ситуација на исчекување на потезите од партнерите и ривалите. Повиците за метли и приземувања се повеќе израз на немоќ отколку на решителност за која нема потреба од медиумски најави и закани. Парадирањата на "соборците” на Заев полни со повици дека е време за чистка се добронамерни се додека се вперени и се однесуваат кон нивните внатрешно-партијски ривали во борбата за превласт. Но во реалност самите тие се кочничарите на Заев во неговата – верувам – искрена желба за промени. Квалитетот на нивните искрености не се мери според тоа кој од министрите и функционерите треба да замине, туку и според неискажаните апетити кој нов клановски репрезент треба да ги замени. Каков и да е изборот за менување – именување, опкруженоста на Заев со тајкуни доведе до негова цеосна отсеченост од структурата која му обезбедуваше гласови. Единствената структура која нема лобисти во неговиот кабинет, влада и партија. Сиромашните.
Загубеноста на Заев во коридорите на моќта и зависноста од неговата нова изборна база (дипломатите) не може да се надмине без длабоки резови. Засега, неговата безимена закана со метли така болно потсетува на некои други времиња и заклетви „ни СДСМ ни свети СДСМ”. Неговиот партијски претходник немаше сила и храброст за сечење на пипците на октоподот. Нерешителност платена со прерано пензионирање. Заев би можел да извлече поука од таа историја и си ја заслужи титулата на Comeback Kid преку отстранување, не на пипците и ноктите, туку на главите на безбројните октоподи размножени во и околу Бихаќка. Впрочем, најголемата тајна која неговите партијски и медиумски суфлери ја кријат од него е дека Заев ионака веќе нема што друго да изгуби – сем власта. Но дали истото важи и за неговите "верни соборци” од владата, партијата и медиумите? Не би рекол.
* "BoBo elite” – кратенка за Bohemian Bourgeois