Светот со здружени сили против короната, САД не учествуваат
24 април 2020Нова глобална иницијатива би требало да ја забрза работата на пронаоѓање лекови, тестови и вакцини против Ковид-19, болест на белите дробови предизвикана од коронавирусот, и резултатите да им ги стави на располагање на сите земји. „Соочени сме со заедничка закана, која можеме да ја победиме само заедно“, рече претседателот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус. „Мора да осигураме пристап за сите луѓе до сите средства во борбата против Ковид-19.“
Додека канцеларката Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и други шефови на држави или влади, како и претставници на меѓународни организации, ветија своја поддршка на иницијативата, САД остануваат настрана.
Повеќе:
Германија: Почнува тестирање на вакцина против Ковид-19
Нова вакцина за коронавирусот нема, можат ли да помогнат старите?
Францускиот претседател Макрон на видео-конференција, на која учествуваше и Мелинда Гејст од фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, рече дека вакцина која ќе се произведе во одредена земја би морала да им биде на располагање на луѓето во сите земји. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, им вети поддршка на сиромашните земји. „ЕУ ќе ги вложи сите напори за да му помогне на светот да се обедини во борбата против коронавирусот“, рече Фон Дер Лајен. Кога одредена вакцина ќе стои на располагање, мора да се стори се’ за таа насекаде да биде достапна, додаде таа.
Во иста насока е и оценката на канцеларката Меркел. „Вирусот ќе го победиме ако ги здружиме силите“, рече таа. Според канцеларката, развојот на вакцина и средства за дијагноза и терапија е „централна“ задача. Идната вакцина би морала да биде „глобално јавно добро“ и да биде распределена „во сите делови на светот“, нагласи Меркел.
САД велат „не“
САД се противат на глобалната иницијатива АЦТ (Access to Covid-Tools). „Нема да има официјално американско учество“, рече портпарол на американското претставништво во седиштето на СЗО во Женева. Американскиот претседател Доналд Трамп ја критикуваше Светската здравствена организација како премногу пријателски настроена кон Кина и го запре плаќањето за СЗО среде пандемија на корона.
Во моментов се истражуваат повеќе од 100 можни вакцини против коронавирусот, изјави Сет Беркли, шеф на меѓународната алијанса за вакцини Гави. Според него, неопходно е да се прошират капацитетите за производство на вакцина за да се обезбеди да има доволно вакцини за сите. Гави по ова прашање соработува со Светската банка. „Не смееме да дозволиме да ни се повтори 2009 година, кога земјите во развој во прво време немаа доволно, а потоа предоцна добиваа вакцини против грипот H1N1“, вели Беркли.
Експертите проценуваат дека развојот на вакцина ќе трае околу 18 месеци. На пациентите болни од Ковид-19 сега им се даваат лекови кои се развиени за третман на други болести, како маларија, ХИВ или ебола, но успехот досега не е недвосмислено докажан за ниту еден од нив.